Ако ме прашувате мене како политичар и како човек кој ја води најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ не гледам потреба повеќе од техничка влада, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во гостување во емисијата Само интервју на Канал 5 телевизија.

Претседателот Мицкоски рече дека за него понижувачки е ДУИ која е во епицентарот на криминални и коруптивни скандали да номинира премиер, како и дека земја која пледира да биде членка на Европската унија мора да покаже одговорност и зрелост.

Прво за мене е понижувачки како граѓанин и како политичар партијата која што во последно време е во центар на скандалите а тоа е ДУИ да номинира премиер. Не гледам каков квалитет тој премиер може да донесе и каква додадена вредност. Второ ценам дека земја која што пледира да биде дел од ЕУ мора да покаже и малку одговорност и зрелост. Ние треба да покажеме дека сме зрели, потенцираше Мицкоски.

Мицкоски истакна дека треба со партиите од власта и останатите парламентарни партии да седнат и да се договорат за бришење на техничката влада, и не само на овие избори туку и на сите следни избори, укажувајќи дека во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот.

Можеби делува чудно како сега како тоа јас од позиција на опозиција во очи на избори го говорам. Но, верувајте јас ова го говорам најискрено и ценам дека треба заедно со политичките партии од власта и со останатите парламентарни партии да интервенираме во Изборниот законик и да го избришеме оној дел од техничката влада, и практично од овој момент па натаму да имаме влада со политички легитимитет. Не само на овие избори, туку и на сите наредни избори и тоа е влада која што ќе може со политички легитимитет да ги води процесите, бидејќи ќе повторам во техничката влада има повеќе опструкции, отколку нешто кое што може да додаде вредност во процесот. А од друга страна понижувачки за мене е да гледам како партија во парламентот која што е очигледно во последно време во епицентарот на многу криминални и коруптивни скандали да номинира прв човек на таа позиција, нагласи Мицкоски.

На прашањето дали тој е подготвен да со измените на Изборниот законик кои ќе следат да прифати и промени на Законот за влада, Мицкоски рече:

Да, подготвени сме.

Што се однесува до економската состојба и иселувањето од државата, Мицкоски рече:

Имам чувство, а и од тоа што го добивам како информација од граѓаните дека живееме во време на екстреми. Едниот екстрем е овие кои што се неспособни, ја урнаа државата ја засрамија, ја опљачкаа и за нив сме кажале сѐ, немам што да додадам. Го губат кредибилитетот меѓу граѓаните итн. И паѓаат на бројките и најверојатно ќе ги загубат изборите. Другиот екстрем се овие коишто преку насилство преку погрдни зборови сакаат да привлечат внимание и мислат дека на тој начин политички ќе се факторизираат. И сега кога нешто е нормално, кога е нешто питомо и кога има некоја визија и план како понатаму, луѓето со вчудоневидување го гледаат, со неверување и велат, зарем ова е возможно да се случи во Македонија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски додаде дека поради скандалите и аферите кои секојдневно испливуваат на површина граѓаните се селат од Македонија и губат надеж.

„Пред некој ден зборував со еден пријател и вели, мојот пријател, добро ситуиран со добри примања и неговата сопруга и двете деца заминаа. Зошто? Вели, не можам да ги гледам повеќе ни телевизија ништо, само црнила, само лоши работи гледам. И навистина погледнете ги вестите, не зборувам само за Канал 5, туку за сите. Кога ние последен пат првите 5 вести ни биле овој странски инвеститор мултинационална компанија, ќе инвестира половина милијарда, овој џез, светски музичар ќе организира концерт во Скопје, овој спортист се закити на светското првенство со златна медала“, потенцираше Мицкоски и додаде:

„Нашите вести кои се? Краделе на Онкологија, 30 пациенти конечно ќе добијат Трикафта, политичките партии се препукуваат во Парламент, овие вака прават, овие така прават. И нормално е кога вие седите и гледате црнила си викате, дај да фатам ничкум од овде што подалеку тоа подобро“.

Мицкоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ има за цел да ја смени ваквата негативна реалност и затоа во периодот што следи континуирано ќе излегува со конкретни понуди.

„Затоа сега излегуваме со понуди и континуирано во периодов што следи ќе излегуваме со понуди, за да покажеме дека тоа што е питомо, мирно нормално, може да биде новото нормално во Македонија. Затоа што нашето ново нормално стана сосема искривена“, подвлече Мицкоски.