Собранието денеска ќе ја одржи 139. седница на која се очекува да бидат констатирани оставките на премиерот Димитар Ковачевски и на претседателот на Собранието Талат Џафери, како и да биде избран новиот претседател на законодавниот дом Јован Митрески, актуелен координатор на пратеничката група на СДСМ.
Ковачевски и Џафери, кој ќе биде мандатар на техничката влада, оставките ги поднесоа вчера како вовед на изборот на техничката влада на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори на 8 мај.
Се очекува Митрески денеска да биде избран за претседател на Собранието. Врз основа на Деловникот, за претседател на Собранието е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. По изборот и свечената заклетва, Џафери ќе му ја предаде функцијата на Митрески.
Во меѓувреме политичките партии ќе го известат претседателот на државата Стево Пендаровски дека во Парламентот имаат мнозинство, по што тој во попладневните часови ќе му го предаде мандатот за формирање на техничка влада на Џафери. Техничкиот мандатар во сабота ќе достави програма и состав на Влада до Собранието.
Составот на техничката Влада е веќе познат откако политичките партии ги објавија предлозите за министри и за дополнителни заменици министри.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, предлог за технички премиер, вчера во интервју за Собранискиот канал, истакна дека не само што очекува да имаме фер, демократски и успешен изборен процес, туку, како што вели, имаме обврска да обезбедиме такви избори.
-Па, јас не дека очекувам да имаме такви. Ние имаме обврска да обезбедиме такви избори. И тоа е предизвик сам по себе, и прво лично за мене како носител на таа функција, а имајќи предвид искуственото комуницирање со претставниците кои ќе бидат дел од таа влада, сметам дека на сите ни е јасно дека сме должни тоа да го обезбедиме за граѓаните. И јас сум убеден дека тоа ќе го обезбедиме и ќе имаме консензус меѓу сите учесници во тој процес, тоа соодветно да го обезбедиме, рече Џафери во интервју за Собранискиот канал.
Тој нагласува дека имаат морална, политичка и етничка обврска на нашите граѓани, да и обезбедат соодветна слика пред меѓународните институции кои соодветно ќе го надлгедуваат процесот на избори
-Тоа ни е и морална, политичка и етничка обврска, и на крајот и одговорност наша, на нашите граѓани, на нашата држава, да и обезбедиме соодветна слика пред меѓународните институции кои соодветно ќе го надлгедуваат процесот на избори. Впрочем, ние имаме обврска да обезбедиме меѓународните органзизации и институици, да имаат соодветен увид во процесот и секако во тесна соработка со ДИК, ќе направиме се за тоа да го обезбедиме и јас сум убеден дека тоа така ќе биде, рече Џафери во интервјуто.
Фото: МИА архива