Собранието на Република Македонија итно обезбеди кворум кога на власта и беше потребно изгласување доверба на премиерот Зоран Заев, а сега претседателот Талат Џафери и власта немаат доволно пратеницки да ги изгласаат антикризните мерки.

Вината за тоа ја префрлаат на опозицијата, а од опозициските партии синоќа можеше да се слушне дека тоа е всушност тактика на власта, да се одолговлекува донесувањето на пакетот антикризни мерки бидејќи власта нема пари во Буџетот за таа намена.

Денеска Стопанската комора на Македонија побара пратениците итно да ги изгласаат законите поврзани со петтиот пакет мерки, кои ги очекуваат нејзините членки како поддршка во услови на пандемија.

-Сведоци сме дека во Парламентот т.н. петти пакет економски мерки, доставен од Владата на РС Македонија, многу долго чека да биде изгласан. Во ситуација кога македонската економија поминува низ  многу тежок период на справување со сите последици од пандемијата со COVID 19, исклучително е важно помошта од државата да стигне што побргу до сите за кои е предвидена. Со петтиот пакет економски мерки, тежок околу 160 милиони евра, ќе се овозможи околу 60 илјади вработени месечно да земаат плата. За некои тоа е единствениот приход во семејството. Ќе им се помогне на компаниите со голем пад на приходите, на меѓународните транспортери, на самостојните вршители на дејност, на увозниците и извозниците и на компаниите кои инвестираат. Но не само на правните лица туку и на граѓаните со долгови врз основа на камати кон јавни институции и кон јавни претпријатија, се вели во соопштението од Стопанската комора.

Од Комората потсетуваат дека нејзините компании членки, го вработуваат секое трето лице и кои создаваат половина од вкупниот приход и половина од нето-добивката на сиот приватен сектор во земјава.

-Имајќи го предвид значењето на поддршката во кризен момент, во каков и се наоѓаме, апелираме до сите пратеници во парламентот на државата итно да се состанат, да го изгласаат петтиот пакет економски мерки и целата оваа ситуација конечно да се разреши бргу и ефикасно во корист на македонската економија и на граѓаните, порачуваат од Стопанската комира на Северна Македонија.