Собранискиот спикер Талат Џафери, во петокот, лут поради тоа што немаше доволен број пратеници во собраниската сала, ја прекина седницата, ги искара и побара да предложат распуштање на Собранието или тој ќе го стори тоа, а за денеска закажа не една туку пет седници.
– Доколку тие не предложат, јас ќе предложам седница за распуштање на Собранието да се знае која е главната цел за нас, 120 пратеници. Во овие моменти Собранието треба да функционира без разлика дали му се допаѓа на некој тоа или не. Ова е демократија, а уцените не се дел од демократијата. Јас друг излез немам освен да ја прекинам седницата, а ако некој мисли дека седница ќе биде закажана со уцени и ултиматуми е грешка. Кој не сака да биде дел од мнозинството треба да каже дека од денеска не е мнозинство и нека прави мнозинство со кого сака, рече Џафери во петокот, потенцирајќи дека „ова не може да се толерира“.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера на прес-конференција оценија дека периодов Собранието е крајно нефукционално, бидејќи на закажаните седници нема кворум за нивно одржување, како и дека за да се покаже дека нешто се работи се закажуваат стари седници со отворени точки на коишто нема присуство на министри или нивни заменици и точките не се отвораат.
Собранието, како што е најавено, денеска ќе одржи пет седници, 82-та, како и продолженија на 50-та, 57-та, 71-та и 79-та.
На 82-та седница на дневен ред се предлог-законите за ратификација на Протоколот кон Северноатлантскиот договор во врска со пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО. Меѓу точките на дневен ред се и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за судска служба, на Законот за јавнообвинителска служба, како и на Законот за извршување на санкциите.
На 50-та седница, треба да се разгледаат предлог-стратегијата за родова еднаквост 2021-2026, предлог-законот за лековите и предлог-законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
Остануваат уште две неразгледани точки од дневниот ред на 57-та седница, односно предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и предлог-законот за дополнување на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја.
На 71-та седница се наоѓа точката за интерпелација за работата на претседателката на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Соња Мираковска, како и повеќе предлог-закони, меѓу кои за дополнување на Законот за животната средина, за изменување и дополнување на Законот за работните односи. На дневен ред на оваа седница е и Информација за пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година, но и предлог за кандидат за потпретседател на Собранието.
На дневен ред на 79-та седница, пак, се предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, предлог-законот за заштита на потрошувачите.
Во Собранието денеска ќе се одржи и една седница на Законодавно-правната комисија, на чиј дневен ред е една точка, односно Предлог-законот за буџети.