Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов рано изутринава со полициски хеликоптер изврши извидување на трите активни пожари, информираат од ЦУК.

Најголемиот пожар е на дел од подрачјето на воениот полигон Криволак, каде што поради опасност од експлозии на заостаната муниција од вежбите, не се гаснеше од земја, туку само се набљудуваше пожарот, утрово со дејство врз огнот започнаа еден армиски и еден полициски хеликоптер. Воените магацини се дополнително осигурани и се безбедни. На самото место на Криволак е и директорот на ЦУК Ангелов.

– Вториот пожар е нов пожар кој го забележавме за време на хеликоптерското извидување и се наоѓа во атарот на с. Калуѓерица во близина на магистралниот пат Радовиш – Струмица каде е зафатена дабова шума и постоеше можност за проширување но благодарение на брзата интервенција на ТППЕ Радовиш пожарот е ставен под контрола, посочуваат од ЦУК.

Третиот пожар кој е активен од вчера е во атарот на с. Требичино, во општина Василево.– Пожарот во текот на ноќта го намали својот интезитет, чади на некои места но нема видлив активен оган. Во овој момент на самото место се екипи на ТППЕ Струмица. Доколку се разгори дополнително ќе се донесе одлука за евентуално гаснење од воздух поради непристапноста на теренот, соопштија од ЦУК.

Во состојба на подготвеност за дејство е и Ер тракторот на Дирекцијата за заштита и спасување.

За неколку дена шест пожари кај Ловечки дом во Куманово

Кумановските пожарникари во текот на вчерашниот ден два пати гаселе пожар кај „Ловечки дом“ во близина на село Проевце, информираше денеска регионалниот центар за управување со кризи Куманово.

Првпат горела опожарена сува трева во период од 13:20 до 15:00 часот и четворица пожарникари ја гаселе со две противпожарни возила. Втората интервенција била на истата локација повторно сува трева и противпожарната единица гасела со едно возило и двајца пожарникари во периодот од 17:50 до 20:40часот.

– Од дежурниот бевме известени дека за овие неколку дена во село Проевце бележат шест интервенции во близина на Ловечки дом каде е потпалена сува трева на различни локации во кругот на домот и најверојатно намерно да се потпалува од засега непознато лице, пренесува информација РЦУК Куманово.

Во дневниот билтен се пренесува и информација дека за вчерашниот пожар на помошен објект во село Пчиња во кој беше повреден сопственикот на објектот. Три противпожарни возила со шестмина пожарникари го гаселе во периодот од 04:05 до 06:30 часот.

Повреденото лице е пренесено во болницата за укажување лекарска помош. Во пожарот изгореле земјоделски машини жито и други предмети.