Собранискиот спикер Талат Џафери денеска  за прв пат во историјата на работата Собранието на Република Македонија седницата ја почна на албански јазик, а на тоа реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Мицевски рече дека со ваквото однесување на собранискиот спикер се крши Деловникот на законодавното тело.

– Вие континурано го кршите Уставот, законите, Деловникот. Во Деловникот во член три стои дека во работата на Собранието службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, рече тој и додаде дека најпрво треба да се смени Деловникот, за да може Собранието непречено да работи и да не го крши истиот. Немам ништо против некој да зборува на својот јазик, но на ваков начин со кршење на Деловникот, законите, Уставот одиме во погрешна насока, како и што досега повеќе пати се случи откако дојде оваа власт, нагласи Мицевски.

Џафери напомена дека Законот за употреба на јазиците е донесен, тој е во сила и додаде дека тој имал трпение од една година од јануари 2018 до јануари оваа година и чекал на претседателот на државата да го потпише Законот и да сфати дека не може да го спречи парламентот и волјата на мнозинството.

-Секоја работа има свој почеток и свој тек и ние како институција имаме обврска да ги направиме сите подготовки, вашите забелешки не се основани, му порача Џафери на Мицевски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски во обраќањето од собраниската говорница нагласи дека концептот на оваа Влада, на ова парламентарно мнозинство, е изградба на едно општество за сите, а јазикот, како еден од столбовите на тоа општество, е за да се разбереме.

-За нас како пратеници од владејачкото мнозинство многу е поважно што ќе зборуваме, да носиме закони во интерес на граѓаните на РМ, рече тој.

Џафери продолжи да ја води 82. седница на албански јазик. Седницата е посветена на пратенички прашања, а за нив се пријавиле над дваесет пратеници.

На брифингот со новинарите Џафери за поставувањето на двојазични табли на зградата на Собранието рече дека ќе се испочитува рокот од шест месеци, но ќе почека тоа да се спроведе со промената на името на државата, па да не се прават двојни трошоци.

За евенутални предвремени парламентарни избори со претседателските, Џафери ќе чека договор меѓу партиите за да ја стави на дневен ред иницијативата за распуштање на Собранието и организирање предвремени избори, што ја достави опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Потребни се 61 потпис за да се распушти Собранието, треба да се обезбеди 100 дена техничка Влада пред одржување на сите избори, изјави Џафери на брифингот со новинарите.

Негов личен став е дека не треба да има предвремни парламентарни избори.

Изборот за шеф на државата ќе се распише на 8 февруари, на 21 април прв круг, а на 5 мај е вториот круг.

Џафери истакна дека е подготевн ако нема цензус на изборите за избор на претседател, тој да ја извршува функцијата шеф на државата.