Дополнетиот предлог ребаланс на Буџетот за 2019 година, што минатата недела помина во Владата, е доставен во Собранието и е на дневен ред на денешната седница како последна точка според објавениот дневен ред.
Дополнетиот предлог ги содржи деветте амандманите што беа прифатени расправата по Предлог ребалансот во собраниската матична Комисијата за финансирање и буџет, а кои главно опфаќаат реалокација помеѓу веќе утврдените ставки во рамки на почетните проекции.
Според предлогот на Владата, со ребалансот има намалување на приходната и расходната страна за 0,5 отсто. Се задржува буџетскиот дефицит на 2,7 отсто, а се ревидира проекцијата за економскиот раст на 2,8 отсто.
Целта на Предлог-ребалансот на Буџетот за годинава е да се направат корекции на расходната страна со цел обезбедување финансиска поддршка за општините и зајакнување на фондовите за здравствено осигурување (ФЗОМ), Пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) и Агенцијата за вработување (АВРМ).
Ревидирањето на планираните проекции на приходите е пред се резултат на намалувањето на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки и благ пораст на социјалните придонеси, во однос на иницијално буџетираните од 812 милиони денари заради реализацијата во првите девет месеци од годинава.
Расходната страна на Буџетот е корегирана надолу за 1,2 милијарди денари, односно за 0,5 отсто.
Има намалување на одредени позиции кај капиталните расходи на буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Капиталните расходи се намалуваат за 5,666 милијарди денари, од кои 1,672 милијарди денари на буџетската сметка и 3,994 милијарди денари на кредитната сметка. Каматните расходи се намалуваат за 897 милиони денари, пред сѐ заради успешното менаџирање со јавниот долг и обезбедувањето на пониски каматни стапки за сервисирање на долгот.
Се обезбедуваат средства за непречено функционирање на ново формираната Агенција за национална безбедност во износ од 99 милиони денари, обезбедување на дополнителни средства во износ од 560 милиони денари (а во првата половина на годината со реалокации се обезбедени уште 355 милиони денари) како директна поддршка во земјоделството и справување со болеста африканска чума кај свињите, средства за колекторски систем за заштита на Охридското Езеро, како поддршка на напорите на централната и локалната власт за исполнување на препораките од УНЕСКО, соопшти Владата.
Измените во Буџетот за 2019 година, меѓу другото се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 244 милиони денари за правосудниот систем, односно судството и обвинителството, со цел јакнење на финансиската состојба и решавање на прашањето поврзано со исплатата на надоместоците на вработените во овој ресор. Предвидени се и средства за поврат на дел од данокот на додадена вредност кон физичките лица во износ од 300 милиони денари.
Со ребалансот на буџетот се обезбедува мерката субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата во износ од 400 милиони денари, која има за цел да стимулира зголемување на платите на вработените во приватниот сектор преку финансиска поддршка за работодавачите кои ќе извршат зголемување на платата на вработените до 100 евра. Исто така, предвидени се дополнителни средства за набавка на лекови за ретки болести и инсулин во износ од 193 милиони денари, како и алоцирање на дополнителни средства во износ од 660 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување со цел непречено остварување на право на здравствена заштита и боледувања.
Предвиден е поголем трансфер од буџетот на Фондот за пензиско и здравствено осигурување од 815 милиони денари кон пензиските друштва од вториот пензиски столб, согласно месечните исплати за бројот на осигуреници, што во суштина го потврдува и трендот за зголемување на вработеноста, се прецизира во соопштението од Владата.