Нашата држава е огромно градилиште, изјави денеска министерот за транспорт Горан Сугарески.

– После две и пол години од падот на режимот на Груевски, доаѓа ред да повлечеме линија. Да се погледнеме очи во очи со граѓаните, кои се единствените кои даваат или одземаат власт. Да зборуваме за тоа што сме ветиле и што сме исполниле. Да најавиме и нови проекти кои ќе ги реализираме овој мандат. Нашата држава е огромно градилиште. Нема општина каде не се гради. Министерството за транспорт и врски е мотор на инфраструктурните инвестиции, објави на Сугарески на Фејсбук.

Понатаму во долгата објава Сугарески пишува „завршивме или во моментов реконструираме 44 патишта или вкупно 550 километри“.

– Владата предводена од СДСМ за две ипол години, зголемува плати во јавна администрација, на доктори, сестри, негувателки, над 20%, минималната плата постојано расте, со обемот, вредноста и исплатата на субвенциите и помошта за земјоделците, тутунари, лозари се рушат рекорди, со Мој ДДВ прв пат враќаме пари назад кај граѓаните, расте социјалната помош, конечно го решивме проблемот на 12 илјади стечајци, со закон дефинираме финансиска помош за фирмите, ја вративме евтината тарифа за струјата, укинавме радиодифузна такса…-набројува Сугарески.

И за да потврди дека СДСМ е „На прав пат“ додава:

– Ја вративме слободата и демократијата… Владата предводена од Заев и СДСМ за 2 ипол години ја врати државата на стратешкиот колосек. Очекуваме датум за почеток на преговори со ЕУ за неколку дена. Најважно од се, не се отуѓивме од народот, не сме арогантни и самобендисани, објавува Сугарески на Фејсбук.