Предлог законот за амнестија поднесен од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не беше прифатен на денешната седница во Собранието на Република Македонија.

Против овој предлог гласаа 59, а го подржаа 25 пратеници, со што е отфрлен предлогот-законот за амнестија за сите осомничени, обвинети и осудени за 27 април.

Пратеничката Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ образложи дека законот за амнестија се однесува на сите осомничени, обвинети и осудени за 27 април.

– Се однесува на лица за кои има првостепена одлука, но немаат добиена одлука од судот сè уште, за оние кои им се судеше за обид за убиство на Зијадин Села. Но, опфатени се и оние кои се гонат за терористичко загрозување на безбедноста. Оставаме на сите пратеници простор да работиме заедно да најдеме решение да им помогнеме. Ако Заев и парламентарното мнозинство вистински сакаат помирување, нека го поддржат овој закон. Овој закон не е селективно помирување како што сакаат тие преку т.н. тело за помирување. Целта на овој закон е национално помирување, рече Стаменковска пред гласањето.