Откако Собранието завчера со 62 гласа „за“ од пратениците од мнозинството и изгласа доверба на Владата, премиерот Зоран Заев вчера изјави дека добиената доверба му претставува чест, но порача дека со тоа расте и неговата одговорност да се одблокира Парламентот.
СДСМ оцени дека изгласанта доверба на Владата претставува нов дебакл за ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, додека најголемата опозициска партија продолжи да изразува сомнеж во бројноста на парламентраното мнозинство, оценувајќи дека не сите пратеници што гласаа за доверба на владиниот Кабинет, ќе го направат тоа повторно.
Премиерот Заев вчера од Штип порача дека е среќен и благодарен за поддршката од мнозинството во Парламентот, додавајќи дека тоа е основа Владата да продолжи да работи.
– Пред се, сум благодарен што сета оваа неизвесност ја тргнавме од граѓаните. Долг период, три-четири, ако не и шест месеци, имаме закани дека не постои парламентарно мнозинство, дека Владата ќе падне, а тоа влијае на целиот народ, влијае на економијата, на администрацијата, на Владата. Овие облаци, оваа магла ја тргнавме и тоа е многу значајно заради општествените придобивки, рече Заев.
Тој сепак изрази жалење што клучни закони е заглавени во Собранието, порачувајќи дека нема да дозволи собраниска блокада.
СДСМ во пратиско соопштение оцени дека гласањето во Собранието покажало оти парламентарното мнозинство е стабилно и Владата има силна поддршка, како и дека со ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски доживеал нов дебакл.
– Како меур од сапуница испукаа лагите на Христијан лузер Мицкоски, се покажа, нестабилно е само неговото ВМРО-ДПМНЕ, оцени СДСМ.
Пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов изјави дека со завчерашното изгласување доверба на Владата, се распаднала „уште една голема и долго повторувана лага на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Христијан Мицкоски“.
– Ја расчистивме маглата, се утврди реалноста и со сигурнот победи вистината. Владејачкото мнозинство е стабилно со тенденција да се зголемува во наредниот период. Северна Македонија има стабилна власт, но со сигурност има разнишана опозиција, изјави Костадинов, додавајќи дека толку било од „лагите на Мицкоски дека имале мнозинство во Собранието и дека оваа Влада само што не паднала“.
Заменик-координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбер Адеми, пак, оцени дека со гласањето доверба на Владата се расчистиле дилемите наметнати од опозицијата во последниве три-четири месеци дека нема мнозинство, дека мнозинството е на стаклени нозе, дека тие веќе обезбедиле мнозинство од 61 пратеник и дека ќе иницираат изгласување недоверба на Владата.
– Се потврди легитимноста и легитимитетот на оваа Влада, освен што таков легитимитет е добиен од граѓаните на 15 јули. Верувам дека нема да се повторат вакви ситуации, каде што лажно се претставува дека некој друг има мнозинство во Собранието и дека владејачкото мнозинство нема стабилност, рече Адеми.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски смета дека со изгласувањето доверба на Владата, премиерот Заев купил привиден мир и се обидел да го оттргне народот од вистинските проблеми, но и од „фактот дека коалицијата полека, но сигурно нема доверба во Владата“.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на прес-конференција изјави дека Заев „исплашен од ВМРО-ДПМНЕ“, побрзал да предложи точка на дневен ред – гласање на доверба на Влада по итна постапка на самата седница, со цел „да не може да се дискутира во Собранието за лошите и катастрофалните политики на власта“.
– Заев само покажа дека нема доверба во своето мнозинството и својата коалиција и затоа мораше да ги тестира. Токму стравот, паниката и слабоста која што власта и Зоран Заев ги покажаа, јасно покажува дека тој не верува ниту во своето мнозинство, ниту пак доволно верува во себе, рече Мицевски.
Неговата партија во соопштение, пак, оцени дека барањето на премиерот Заев за гласање доверба на владиниот Кабинет било „себедокажување со цел да се сокрие стравот и разнишаноста на Владата“.
– Заев игра по нотите на ВМРО, и мораше да се тестира. Заев знае дека сите што го гласаа тоа нема да го направат по втор пат, се додава во партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Спротивно на актуелното партиско раководство, Иницијативниот одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ смета дека со гласањето во Собранието членовите на нивната партија наместо прослава, добиле ладен туш.
– СДСМ покажа дека нивното мнозинство е непроменето, а во политичките кулоари кружат информации дека власта обезбедила и дополнителна поддршка од пратеници од опозицијата кои не гласале, бидејќи немало потреба. Партијата вчера беше посрамена, смета Иницијативниот одбор за свикување на Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, апелирајќи Мицкоски да ги стави интересите на државата и на партијата пред сопствените и да си замине од функцијата што ја извршува, „пред да направи дополнителна штета“.
Според нив, членовите на ВМРО-ДПМНЕ се почуствувале излажани, изманипулирани и потценети, бидејќи се видело оти Мицкоски свесно ширел еуфорија дека успеал да обезбеди мнозинство, иако знаел дека тоа не е вистина.
Координаторот на пратеничката група на Алијанса на Албанците и на Алтернатива Скендер Реџепи, пак, оцени дека Владата со барањето да и се гласа доверна покажала оти „нема доверба во своето мнозинство“ и дека се плаши од она што ќе го изнесе опозицијата во дебатата за нејзина доверба“.
Собранието во средата попладне и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратениците усно го побара премиерот Заев. Опозицијата не присуствуваше на седницата за време на гласањето.