Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за одбрана и Буџетскиот совет на Собранието.

На дневен ред на Комисијата за одбрана се информациите за доделување на договор влада со влада за набавка на хаубици 105мм и муниција 105мм помеѓу Владата на Македонија и Владата на Турција со склучување на Договор со Претседателството на турската одбранбена индустрија (ССБ) и за доделување на договор влада со влада за ремонт на два хеликоптера Ми-8МТ со регистарски број 305 и 306 помеѓу Владата на Македонија и Владата на Чешката Република со склучување на договор влада со влада.

Буџетскиот совет на Собранието ќе го разгледа Известувањето за реализација на расходите во Буџетот на Собранието за 2022 година, поднесено под архивски број 32-5229/1.

Дополнетиот предлог на Буџет за 2023 на пленарна собраниска седница

Собранието денеска ќе ја одржи 97. седница на која на дневен ред е Дополнетиот предлог буџет на Република Северна Македонија за 2023 година.

Дополнетиот предлог на буџет е нов интегрален текст во кој Владата ги вградила прифатените амандмани и потребните измени и дополнувања на Предлог буџетот.

Инаку, амандманската расправа по Предлог-буџетот за 2023 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет заврши на 12 декември. За Предлог-буџетот беа поднесени над 260 амандмани, од кои околу 200 од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои главно се однесуваа на изградба на регионални и локални патишта и водоснабдителни системи.

Министерството за финансии прифати неколку амандмани, но во видоизменета форма, а дел од предлагачите ги повлекоа своите амандмани.

Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година

Втора точка на дневен ред на оваа собраниска седница е и Предлог законот за задругите.