Пратениците во попладневниот дел од работата на 98-та седница на Собранието на Македонија дискутираа по предлог законите за данокот на додадена вредност и за вработување и осигурување во случај на невработеност, двата во прво читање.
Собранискиот спикер Талат Џафери, по завршување на општата расправа по предлог законот за вработување и осигурување во случај на невработеност во прво читање, ја прекина работата на седницата и гласањето го одложи за утре, бидејќи, како што рече, нема кворум поради работењето на повеќе собраниски комисии.
– Овде ја прекинувам работата со оваа седница. Со истата ќе продолжиме утре во 11 часот. По завршување на 98. седница, на која треба да се гласа пакетот социјални закони, утре продолжуваме со 93. седница на Собранието, изјави Џафери.
Во однос на предлог измените за законот за данокот на додадена вредност, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, рекоа дека ќе ги поддржат сите закони решенија каде има намалување на ДДВ од 18 на 5 проценти, иако како што рекоа, се работи само за едно намалување и тоа за лековите од ветеринарна медицина.
Според нив воведувањето на рамниот данок дало ефект, додека прогресивното оданочување за жал само го зголемило одливот на кадар од земјата.
По овие предлог законски решенија пратениците ќе се произнесат на утрешното продолжение на седницата.