Премиерот Зоран Заев, по завршување на Виенскиот економски форум денеска оствари серија средби со претставници на неколку реномирани компании од Австрија, коишто имаат свои претставништва во Македонија, како што се ЕВН и А1 Телеком Груп.

На средбите, како што информираат од владината прес-служба, биле посочени досегашните придобивки од соработката, како и идните планови и можности за продлабочување на воспоставениот партнерски однос помеѓу Македонија и компаниите со австриски капитал, коишто работат во земјата.

Заев, по средбите, во изјава за медиумите, рече дека ова е одлична можност по заокружување на важни политички процеси, вклучително и претседателските избори да ги продолжиме економските тенденции и трендови во државата.

– Сите зборат за С. Македонија како позитивен пример, единствена земја во Западен Балкан, кадешто е мирно, нема протести, се движат работите, успешно завршивме избори за да можеме да посветиме на економските вредности коишто за компаниите значат профит, за нас значат Бруто домашен производ, нови работни места, можно растење на нашиот извоз итн, итн, изјави Заев.

Посочи дека Економскиот виенски форум е пријател на Македонија и ја искористиле можноста за презентација на сите потенцијали за привлекување на странски инвестиции во нашата земја.

– Комесарот Хан беше овде да ги потврди нашите европски вредности и она што е досега постигнато. Јас му благодарам за тоа, поради тоа што не само што помага на нашиот пат на интеграцијата, туку еве беше овде да настапи и независно да каже и пред бизнисмените и деловните луѓе за перформансите на економијата во нашата земја и на резултатите од сите реформи до каде што сме стигнати, за да можат да бидат осигурени потенцијалните инвеститори токму и во тие вредности, истакна премиерот Заев.

На билатералната средба со комесарот Хан, продолжи Заев, разговаравме за очекувањата ова лето, јуни – јули, за конечната одлука на Европската Унија којашто треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите.

– Тој е оптимист, јас сум оптимист. Секако знаеме дека треба да завршат парламентарните избори за Европскиот Парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори, нагласи Заев.

Тоа што се случува во нашата земја, според Заев е нешто коешто е логичен пресек на двегодишното владеење на Владата предводена од Социјалдемократскиот сојуз, кадешто, како што посочи, ги виделе слабостите и фала богу имавме избори кадешто граѓаните буквално испратија порака дека некои работи треба да се менуваат, а тоа се слабите карики на извршната власт.

– Веројатно и во локалните самоуправи има одредени слабости кадешто се под ингеренции на СДСМ и владејачката коалиција. Секако промените ќе се случат. Јас реков тоа ќе се случи на почетокот на јуни, затоашто извештајот го затвора Европската Унија и го објавува на 29 мај. Дотогаш преговараме и со опозицијата. Едниот закон е законот за безбедноста и разузнавачките служби, другиот закон е законот за јавно обвинителство, изјави Заев.

Изрази задоволство, што во Парламентот се придвижуваат работите за Законот за безбедносните и разузнавачките служби, кадешто тоа е усогласено со опозицијата, верификувано со НАТО комисиите коишто работеа со нас и, како што се вели во соопштението од владината прес-служба, ќе направи се и тој и министерката за правда и тимовите со претставници од ВМРО – ДПМНЕ, па ако треба и до лидерска средба ќе дојде, за и овој закон да биде заокружен.

Премиерот најави дека во првата половина на јуни има намера да излезе со конкретните решенија за промени.

– Во Владата, во владините институции, значи директорски места, Управни одбори, надзорни одбори, во локалната средина, значи едно трето ниво подоле, а секако ќе се случат и персонални промени во Социјалдемократскиот сојуз, што ќе значат и подобрување на перформансите на најголемата владејачка партија, којшто има директен импакт квалитативен и врз владеењето во државата, изјави Заев.