Собранието на Македонија денеска треба да ја одржи 57. седница на која меѓу точките на дневен ред се и измените на Законот за работни односи во второ читање со кои се предвидува недела да биде прогласена за неработен ден.

Предложеното законско решение е ставено како втора точка, а според образложението, одредбите од законот треба да почнат да важат од 1 јануари.

Пратениците ќе расправаат и за други законски решенија меѓу кои и за измените на Законот за основно образование, за законите за финансиска поддршка за намалување на на последиците предизвикани од пандемијата врз производството и откупот на земјоделските производи и врз производството и откупот на грозјето. Собранието треба да се изјасни и за Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата во меѓународната операција „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.

Како последна точка на денешната седница е ставен Извештајот на Европската унија за напредокот за земјата за 2021 година.

Седници на четири собраниски комисии

Во Собранието денеска се закажани седници на четири комисии. Ќе заседаваат Комисијата за европски прашања, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.

Пред членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2020 година, а Комисијата за одбрана и безбедност ќе ги разгледа Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата во меѓународната операција на Европската унија „Алтеа“ во Босна и Херцеговина и Предлог-резолуцијата на миграциската политика 2021-2025 со Акциски план.

Овие две точки за кои ќе расправа Комисијата за одбрана и безбедност се на дневен ред и на Законодавно-правната комисија.

Комисијата за европски прашања ќе одржи две седници. На едната на дневен ред се повеќе закони во второ читање меѓу кои Предлог-измените на Законот за лична карта, дополнувањата на Законот за матичен број, измените на Законот за државјанство и на Законот за патни исправи. Попладне, Комисијата ќе одржи уште една седница на која на дневен ред, според веб страницата на Парламентот, се Предлог-законот за финансиска стабилност и измените на Законот за репродуктивен материјал од шумски видови дрва.