Завршна манифестација со која ќе биде заокружено чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ќе се одржи вечер во Македонската филхармонија.

Оркестарот на Филхармонијата ќе изведе концерт инспириран од творештвото на Блаже Конески, во чии рамки ќе бидат интерпретирани делата „Молитва“ од Тодор Скаловски и „Записи“ од Томислав Зографски. Оркестрацијата е на Ангел Спировски, баритон – Горан Начевски.

Во фоајето на Филхармонијата,  ќе може да се проследи и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.

Влезот за концертот е слободен, а активностите ќе се одвиваат во согласност со мерките за заштита од Ковид-19 пропишани од Комисијата за заразни болести.

– Иницијативата за Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ ја започнаа Министерството за култура и Министерството за образование и наука, а за меѓународните активности се вклучи и Министерството за надворешни работи. Програмата, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, се реализираше во текот на целата година, со активности на повеќе институции, министерства, органи на државната управа, здруженија во земјава и во странство, се вели во соопштението од Филхармонија.

Свечен собир во МАНУ по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески

Во рамки на одбележувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“ по повод 100-годишнината од раѓањето, во свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денеска ќе се одржи свечен собир.

Свечениот собир е составен од два дела. Во првиот дел, како што најави МАНУ, ќе се обратат претседателот Стево Пендаровски, претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, секретарот на ОЛЛН – МАНУ и раководител на проектот „Критичко издание на целокупните дела на Блаже Конески“ Катица Ќулавкова. Со омаж за Конески ќе се претстават Зузана Тополињска и Влада Урошевиќ.

Во вториот дел ќе биде претставено уметничкото и научното дело на Блаже Конески во контекст на критичкото издание на неговите целокупни дела на МАНУ.

– Се работи за 12 тома со целокупните дела на Блаже Конески, а соодветните томови ќе ги претстават професорите: Венко Андоновски, Наташа Аврамовска,  Иван Џепароски, Анастасија Ѓурчинова, Красимира Илиевска, Марјан Марковиќ, Веселинка Лаброска, Људмил Спасов, Лилјана Макаријоска и Станислава-Сташа Тофоска, посочуваат од МАНУ.

На свечениот собир ќе биде промовирана и веб-страницата со дигиталните изданија на објавените томови од „Критичкото издание на целокупните дела на Блаже Конески“ којашто ја подготви Истражувачкиот центар за ареална лингвистика при МАНУ.