Навредите кои пратеничка на СДСМ ги упати кон колегите од ВМРО-ДПМНЕ денеска ја прекина седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во Собранието на Република Македонија.

Седницата на собраниската Комисија, на чиј деневен ред беше предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ветеринарно медицински препарати беше прекината по усвојувањето на дневниот ред, по упатена навреда кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што објави МИА, повеќе пратеници меѓусебно зборуваа кога заменик-министерот за земјоделство Благе Цветковиќ почна да го образложува предлог-законот.

Претседателот на комисијата Димитар Стевананџија на два пати ги замоли присутните пратеници да не зборуваат, а потоа реагираше и пратеничката од СДСМ Татјана Прентовиќ, која замоли тие повторно да бидат опоменати.

Во тие моменти една од пратеничките од СДСМ упати навреди кон пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Потоа Стевананџија ја прекина седницата, потенцирајќи дека таа ќе продолжи откако пратеничката ќе се извини за кажаните зборови.

Седницата на Комисијата, како што информираат од собраниските служби, нема да продолжи денеска.