Пратениците денеска во рамки на 54. седница ќе ја продолжат расправата по дополнетиот Предлог-буџет за 2022 година во второ читање.
Вкупните расходи во Предлог-буџетот се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2 проценти од БДП, а вкупните приходи се планираат на ниво од 238,9 милијарди денари или 30,9 проценти од БДП. Дефицитот е проектиран на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 проценти од БДП, а капиталните инвестиции ќе изнесуваат 38,2 милијарди денари.
Според министерот за финансии Фатмир Бесими, Предлог-буџетот за 2022 година е одговор на предизвиците кои престојат, но е и во насока на реализација на приоритетите за следната година.
Предвидувањата за економијата на глобално ниво за 2022 година, како што посочи Бесими во петокот на првиот ден од пленарната расправа, се оптимистички, а во македонската економија се очекува годината да заврши согласно проектираниот раст на БДП од 4,1 процент, но со реална можност и да се надмине. Во 2022 година, економскиот раст се очекува да забрза и да изнесува 4,6 проценти во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и стабилизирање на надворешната побарувачка.
– Поедноставно кажано во 2022 година ќе имаме „развоен буџет”. Развојната компонента се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 28,3 проценти во однос на 2021 година или во 2022 година се предвидени 8,4 милијарди денари повеќе за капитални проекти, рече Бесими, додавајќи дека е запазено т.н. „златно правило“ во јавните финансии, односно за првпат капиталните инвестиции се повисоки од буџетскиот дефицит.
Во Предлог-буџетот се вградени и 23 амандмани во вкупна вредност од 382 милиони денари, од кои, како што посочи Бесими, најголем дел се од опозицијата. Дел од нив се и амандманот за создавање на интервентен фонд во земјоделството и амандманите за енергетска ефикасност.
За опозицијата, Предлог-буџетот во висина од 4,4 милијарди евра е најобемниот буџет досега, нереален и неразвоен. Според опозицијата, не се предвидени пари за енергетската криза, а висок е и проектираниот буџетски дефицит. Проекциите за капиталните инвестиции, сметаат, дека се лага имајќи предвид дека нивната реализација во изминатите години е мала.
Согласно законот, Предлог-буџетот треба да биде усвоен до 31 декември.
На дневен ред на 54. седница се и предлогот за избор на заменици на народниот правобранител, предлог законите за изменување и дополнување на Законот за прометот на експлозивни материи, на Законот за следење на комуникациите, на Законот за заштита од експлозивни материи, како и на Законот за странци, сите во второ читање.
Меѓу другите точки на седницата се и дополнетиот Предлог-закон за изменување на Законот за полиција, Предлог-законот за медијација, во второ читање, како и Предлог -законот за изменување на Законот за складирање и заштита од запални течности и гасови, во второ читање.