Во Собранието денеска ќе се одржи првата координација на претседателот Африм Гаши со претставници на партиите, по конститутивната седница. Гаши за МИА вчера нагласи дека на координативната средба ќе се разговара за следните активности, како и за тоа кога би можело да се одржи седницата за законите поврзани со промените на министерствата во Владата, но вели не знае дали ќе има договор.

Собранието треба да ги донесе законските измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. Исто така, и измените на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и ќе станат министри. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.

Партиски извори вчера за МИА изјавија дека најнапред ќе се формираат комисии за овие закони да бидат разгледани, па потоа тие да дојдат на седница. На денешната координативна седница, како што се посочува, ќе се договара таа динамика.

Во однос на тоа кога ќе биде закажана првата собраниска седница, Гаши во вчерашното интервју за Радио Слободна Европа рече дека пленарните седници ќе се закажуваат во координација со сите политички партии.

-Ние имавме веќе вчера една неформална средба со претставници на политички партии, чекаме да се формализираат пратеничките групи и координаторите, и веднаш штом ќе имаме согласност од повеќето политички партии, ќе пристапиме кон свикување на нова седница, рече Гаши.

Како коалиција која е веќе на повидок меѓу ВМРО – ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“ потенцира тој, е договорено, новата влада да почне со нова организација на државата, организација на министерствата и ресорите.

-Сакаме прво да го донесеме тој закон, за да може владата која ќе се бира да биде избрана во рамките на тој закон и таа нова организација. Затоа ќе сакаме и ќе се потрудиме заеднички со сите политички партии во Собранието, да се договориме, тој закон да биде еден од првите кои ќе биде поставен на пленарната седница, вели Гаши.

Потврдува дека во тој пакет ќе бидат вметнати и измени на закони за да сае спречи да има предвремени избори за градоначалници онаму каде што тие станаа пратеници.

Владата на вчерашната 52-ра седница, ја донесе Уредбата со законска сила за изменување и дополнување, односно за ребаланс на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година. Детално об

Инаку, рокот за доделување на мандатот за состав на идната влада истекува на 7 јуни. Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, како што информираа од нејзиниот Кабинет, неделава ќе го додели мандатот за состав на новата влада.

Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверување на мандатот треба до Собранието да го достави составот на идната Влада, како и нејзината програма. Собранието, пак ја избира Владата на предлог на мандатарот и врз основа на програмата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Официјалните информации во однос на преговорите за состав на Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се дека разговорите се уште траат. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски во одговор на новинарско прашање на вчерашната прес-конференција рече дека се уште нема ништо конкретно околу составот на идната влада.

Фото: МИА Архива