Во Собранието за денеска е закажана седница за пратенички прашања, како и продолжение на уште пет други собраниски заседанија.
За во 11 часот во Големата сала е закажана 55-та собраниска седница, на чиј дневен ред е само точката за Поставување на пратенички прашања.
Според најавите, пред оваа седница се очекува претседателот на Собранието, Талат Џафери да ја констатира вчера доставената оставка на премиерот Зоран Заев.
По неа за во 12.30 часот е закажано продолжение на 25-та седница, на чиј дневен ред меѓу другите е и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија, по скратена постапка во второ читање, поднесен од пратениците Зиадин Села, Скендер Реџепи, Сурија Рашиди, Сафије Садики Шаини, Абдула Салиу, Елми Азири, Халил Снопче, Илире Даути, Атнан Незири, Артина Ќазими, Хусни Исмаили и Африм Гаши.
За во 12.40 е закажано продолжението на 43-та собраниска седница, на која меѓу другото пратениците треба да ги разгледаат Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка во второ читање, поднесен од Маја Морачанин, Моника Зајкова и Павле Трајанов, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за основното образование во прво читање, поднесен од Ѓорѓија Сајкоски, Силвана Ангелевска, Благица Ласовска, Велика Стојкова – Серафимовска, Лидија Петкоска, Дафина Стојаноска, Иван Јорданов, Бране Петрушевски, Ангелинка Петкова, Марија Петрушевска, Љупчо Пренџов, Дарко Костовски, Бети Стаменкоска Трајкоска, Иванка Василевска, Здравко Трајанов, Миле Лефков, Тимчо Муцунски, Антонијо Милошоски, Златко Пенков, Игор Здравковски, Даниела Христова, Олга Лозановска, Ане Лашкоска и Петар Ристески.
За во 12.50 е закажано продолжението на 54-та седница на чиј дневен ред меѓу другите се предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за личната карта и на Законот за државјанството на Република Северна Македонија, како и Предлогот на закон за дополнување на Законот за матичен број. Сите три закони се носат по скретена постапка.
Во 13 часот е закажано продолжение на 57-та седница на чиј дневен ред се и два предлог-закони за финансиска поддршка за намалување на последиците предизвикани од Корона вирусот, како и предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и на Законот за данокот на додадена вредност. Сите закони се предложени по скратена постапка.
На крај за во 13.10 часот е закажано продолжение на 50-та собраниска седница, на чиј дневен ред меѓу другите се и Предлогот на завршна сметка на Буџетот на Македонија за 2020 година, како и предлозите на закони за изменување и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат и на Законот за јавни претпријатија и двата во прво читање.