Во Собранието се уште нема најава кога ќе се одржи седницата за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која е во притвор за случајот „Рекет“.

Извесно е дека седница мора да има до недела, 15 септември, кога истекува рокот за нејзино разрешување. Нема ниту средба на работните групи за законот за јавно обвинителство.

Од кабинетот на спикерот Талат Џафери велат дека се уште нема информација кога ќе биде закажана седницата. Разрешувањето на Јанева веќе помина на матичната собраниска комисија каде едногласно беше изгласан предлог за нејзино разрешување.

Неофицијално седницата најверојатно ќе биде закажана утре или најдоцна в недела. Се остава простор за договор за законот за јавно обвинителство, но работните групи по лидерската средба помеѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски немале контакт ниту иницирале нови разговори, потврдуваат од двете партии. Договорот на лидерската бил дека штом некоја од страните ќе има некаков предлог да предложи средба, но според информации од владејачката партија засега такво нешто не се случило. Ова го потврдуваат и од тимот на ВМРО-ДПМНЕ.

И СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ барем јавно се уште остануваат на веќе изнесените ставови во врска со новиот закон за јавно обвинителство. Од партиите велат дека нема најава ниту за средба помеѓу лидерите.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат и дека и да не продолжат разговорите за новиот закон за јавно обвинителство, доколку викендов биде закажана седница за разрешувањето на Јанева тие ќе присуствуваат.

– Нема одлука пратениците да не присуствуваат на ваква седница, велат од партијата.

Во меѓувреме, и покрај тоа што нема разговори за новиот закон за јавно обвинителство, со којшто СЈО би требало да се инкорпорира во јавното обвинителство, почнува преземањето на предметите на СЈО.