Собранието денеска на 82. седница со 103 гласа „за“ и два „против“ ги ратификуваше протоколите за пристапување на Република Финска и на Кралството Шведска во НАТО.

Македонскиот Парламент првпат ратификува протоколи на нови земји аспиранти за членство во Алијансата, откако земјава официјално стана членка на НАТО на 27 март 2020.

За ратификацијата на протоколите за влез на Финска и Шведска во НАТО гласаа пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

На денешната седница во Собранието присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, други членови на Владата и претставници на дипломатскиот кор во земјава.

По Самитот на НАТО во Мадрид, што се одржа кон крајот на минатиот месец, на 5 јули 2022 претставниците на 30 држави членки на Алијансата во Брисел ги потпишаа протоколите кон Северноатлантскиот договор во врска со  пристапувањето на Шведска и на Финска во Пактот.

Шведска и Финска поднесоа барања за членство во Алијансата по почетокот на руската агресија врз Украина. 

На дневен ред на 82. собраниска седница се и измените на Законот за судска служба, на Законот за јавнообвинителска служба и на Законот за извршители, трите по скратена постапка. Потребата за донесување на овие закони ја образложи министерот за правда Тупанчевски. На дневен ред на оваа седница се и измените и дополнувањата на Законот за вино, прво читање и Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа.

На предлог на пратеничката Рина Ајдари од ДУИ со 92 гласа „за“ беше изгласано Законот за основање на Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје да биде ставен на дневен ред на оваа седница, а на предлог на пратеничката Марија Георгивска и одлуката за иемнување на членови на Одборот за доделување на наградата „8 Септември“.

Виртуелен состанок на Џафери со собраниските спикери на Шведска и Финска

Собранискиот спикер Талат Џафери оствари виртуелен состанок со претседателот на Риксдагот на Кралството Шведска, Андреас Норлен и телефонски разговараше со Мати Вананен, спикер на Парламентот на Република Финска по повод ратификацијата на Протоколите кон Северно-атлантскиот договор во врска со пристапувањето на Кралството Шведска и Република Финска.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери им честиташе на претседателите Норлен и Вананен и на граѓаните на Шведска и Финска за нивниот одлучувачки чекор и за потпишувањето на Пристапниот протокол за членство во НАТО и почетокот на процесот на ратификација на членството на Шведска во Северно-атланската алијанса.

Тој истакна дека продолжувањето на процесот на проширување на НАТО е од клучно значење за долгорочната стабилизација на Европа.

– Сите сме свесни за долгогодишната традиционална воена неутралност на Шведска и Финска исто онолку колку што сме свесни дека војната во Украина доведе до зголемена дебата меѓу земјите-членки од потребата од зајакнување на Алијансата со нови земји-членки. Верувам дека во времето кога континентот се соочува со голема безбедносна криза, вашето членство ќе даде значаен придонес кон заедничката безбедност, истакна Џафери.

Претседателот Норлан се заблагодари за поканата лично да присуствува на седницата за ратификација на Протоколот за членство во НАТО на Шведска и изрази жалење што не може лично да присуствува на неа. Норлан истакна дека со поддршката на Македонија за членство на Шведска во НАТО се потврдуваат солидните билатерални односи меѓу Македонија и Шведска, кои што ќе се продлабочуваат на сите полиња, дополнително и како сојузници во НАТО.

Претседателот Вананен се заблагодари на граѓаните, Собранието и претседателот Џафери за целокупната поддршка во процесот на пристапување на Финска во НАТО.

Соговорниците се согласија дека развиените билатерални односи, одличната парламентарна соработка, поддршката на мултилатералните форуми дополнително ќе се унапредат преку сојузништвото во НАТО.