Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 49. седница на која на дневен ред се избор на нови министри во Владата, заменици министри, а како трета точка на дневниот ред е предлог-одлуката за распишување оглас за членови на Државната изборна комисија.
Премиерот Зоран Заев до Собранието минатата недела достави предлог за нови министри според кој, за нова министерка за правда се предлага Рената Дескоска, за министер за образование и наука Арбр Адеми, за култура Асаф Адеми за култура и за министер без ресор Бардил Даути.
За заменик министер за надворешни работи е предложен Андреј Жерновски, за заменик министер за здравство Асим Муса, за заменик министер за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар и за транспорт и врски Садик Беќири.
Како нови коалициски партнери во Владата влегуваат крилото на Беса на Африм Гаши и ДПА, кои имаат министерски места, како и Сојузот на Ромите.
Се очекува на седницата премиерот Заев да го образложи предлогот, по што ќе се отвори дебата. Новите министри треба да бидат избрани до полноќ. Доколку изборот биде претходно, Собранието ќе пристапи кон избор на замениците министри. Во спротивно, можно е седницата да продолжи во сабота.
Согласно изгласаните измени на Изборниот законик, во рамки на 49. седница пратениците треба да ја изгласаат одлуката за оглас за избор на членови на ДИК. Членовите на ДИК, според измените, ќе се бираат по стариот модел. Огласот ќе трае осум дена, по што партиите треба да се изјаснат за пријавените кандидати. Претседателот на ДИК треба да биде од редот на опозицијата.