Општина Охрид планира наплатата за паркирање возила во градот во текот на престојната летна туристичка сезона да го врши по пат на СМС порака на бројот 144-644 од сите национални оператори или со грепки.

Таквата активност е во насока на воведување ред во паркирањето и олеснето одвивање на сообраќајот во услови на зголемен број моторни возила во градот.

Општина Охрид пред три месеци распиша конкурс за изработка на три решенија по однос на одвивањето на динамичкиот сообраќај во реално време со помош на микроскопска симулација, за што е задолжена фирмата „24 Инг“ од Битола.

Јован Христовски од „24 Инг“ појасни дека се работи на три варијантни решенија за паркирањето во централното градско подрачје. Првото има за цел скенирање на актуелната состојба со паркирањето во градот, второто решение предвидува целосно затворање на Кејот „Македонија“ за сообраќај, а третата опција е комбинација од претходните.

– Изработивме микросимулација за одвивањето на сообраќајот и дадовме предлози во однос на оформување на еднонасочни сообраќајници и дефинирање на велосипедската мрежа, истакна Христовски.

Согласно предлог-одлуката за ограничување на паркирањето на подрачјето на општина Охрид утврдени се три зони и тоа А, Б и Б зона, со цена на наплата за паркирање по 30, 20 и 10 денари за час соодветно.

Експертите по сообраќај од општина Охрид сметаат дека пренамената на кејот „Македонија“ во пешачка зона е оптималното решение кон кое треба да се стреми градот, додека во недостиг на јавни паркинг гаражи паркирањето во централното градско подрачје да се уредува долж сообраќајниците по пат на еднонасочни улици.

Зоран Шикалоски од Одделението за сообраќај и улици при општина Охрид оценува дека воведувањето на таквиот систем на наплата е во насока на воведување ред во сообраќајот, имајќи ги предвид светските практики на давање предност на пешаците и велосипедистите, особено во зони на градот каде е регистрана нивна зголемена фреквенција.

Во понатамошна фаза се предвидува изградба на катни гаражи наместо уличното паркирање, како и постепена забрана за движење на моторни возила во стариот дел на градот.