На собраниската седница на која се расправа за интрепелацијата на се вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров пратениците од власта и опозицијата со спротивставени ставови за неговата работа.
Според опозицијата, причина за интерпелацијата е манипулацијата на јавноста за добивање на датумот, низата неуспеси на надворешната политика, брзоплетоста на потпишувањето на договорот со Бугарија кој прави големи проблеми на државата и за недобивањето датум за пристапни преговори со Европската унија. Му забележуваат и за нетранспарентност во неговиот однос кон Собранието како и дека власта преговара за идентитетот и јазикот.
-Ова владејачко мнозинство како ветување број 1 имаше почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа што на почетокот на февруари 2021 дебатираме тука во Собранието во услови кога Македонија воопшто не почнала преговори за членство и крајно е неизвесно не само кога и дали воопшто ќе ги почне е најголемо фијаско што можеше да и се случи на оваа Влада, рече Николовски, дополнувајќи дека за ваквата состојба најодговорни се Димитров и претседателот на Владата, рече Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу причините за интерпелацијата, Николовски кажа дека Димитров е архитект на Договорот за добрососедство со Бугарија, којшто, потенцираше, има голема фалинка во себе, односно нема никави заштитни калузули што ако Бугарија не го почитува својот дел од Договорот.
Димитров одговори дека фактите говорат оти Договорот за пријателство со Софија европските лидери и САД во еден глас го оценија како инспирација за целиот регион и голем чекор кон ЕУ за нашата земја.Влада, посочи тој, доби безусловна препорака за почеток на преговорите од ЕС, а соседна Бугарија е таа која го прекрши членот 2 од Договорот, каде се обврза да ни помага во евроинтеграциите.
-Моја работа е да ги преговарам и направам договорите да бидат во најдобар можен интерес на нашата држава. Јас не сум одговорен ако некоја држава одлучи да не го почитува договореното. Второ, НАТО и ЕУ се стратешка определба на над 80 проценти од граѓаните, како тоа работејќи на тие цели и остварувајќи ја едната – членство во НАТО, јас ги изневерувам или носам во заблуда? Не, господа, не сум јас во заблуда, ниту повеќе од 80 проценти од граѓаните се во заблуда, ниту целиот свет е во заблуда, кога ја посочува нашата надворешна политика како светол пример за тоа како треба да се решаваат отворени прашања. Во заблуда сте вие, изолирани, сами, во мрачното самозалажување дека сопките на овој пат и саботажите на овие суштински процеси, некако ќе донесат политички поен плус, вели Димитров.
Според него, ако опозицијата навистина сакала да го адресира несреќниот развој на настаните кој настана од, вели, неевропското однесување на соседот, не требаше да прави токму од клучното прашање дневно-политички перформанс, туку да се издигне и заеднички да настапуваме во она што би сакал да верувам дека ни е заедничка цел – остварување и на втората стратешка цел – отпочнување на пристапни преговори со ЕУ, заеднички поддржувајќи ги принципиелните позиции на земјата, за кои треба да се има доблест.
Кажа дека опозицијата троши подеднаква енергија за да ја одржи пизмата кон него, како оние во другите земји во соседството во определени фази, за кои и таму, вели, бев непријател број 1, каде бил посочуван како „поопасен од корона-вирусот„ во контекст на нивните позиции, човек кој низ Европа ги ослабува бугарските позиции (јакнејќи ги македонските), човек кој веднаш го одби понудениот анекс“.
-И сега кажете ми, како тоа јас ги предадов македонските државни интереси, а Бугарија вели не попуштам и сум еден од главните проблеми за она што тие сакаат да го постигнат? Барате од мене одговорност за меѓувладина конференција со ЕУ, за која јавно кажав дека не треба да се одржи доколку услов е македонскиот јазик. Многу е тешко и самите да се разберете веројатно, но додека не си ја утврдите вашата позиција – дали сум јас во право или овие гласови кај соседите, најубаво би било до тогаш на прес-конференциите да се бавите со теми за кои имате базично познавање: штелување на анкети, обиди за анимирање на јавноста со картони или упади на прес конференции и слични активности од ваш делокруг, рече Димитров.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев го обвини Димитров кој е 30 години во политиката за лицемерие.
-Министерот Димитров кога нема што да каже напаѓа. Ништо не чувме од него, чувме само лаги и флоскули. Димитров е човекот кој изјавуваше дека за идентитетот нема преговори. Човекот кој кажуваше дека барањата на Грција се преседан и дека со промена на уставното име ќе се погазело македонското достоинство. И кој го погази на крај, лично тој… За Бугарија што изјавуваше Димитров, дека јавноста ќе го има во увид целиот процес. Дека државен интерес е Бугарија да биде поддржувач на Македонија кон ЕУ. Не само што ја немаме Бугарија, туку Бугарија е главен кочничар за влез на Македонија во ЕУ. Овој човек има четири вета, рече Јанушев и побара оставка од Димитров.
Тој потсети дека и покрај очекувањата кажани од Димитров во јуни 2019-та за преговори до октомври нема да има лице пред јавноста да зборува за евроинтеграциите, а потоа вели стана вицепремиер за европски прашања.
-После таа изјава станувате токму вицепремиер за евроинтеграции. Ако имавте лице до сега сами ќе си поднесовте оставка. Како не Ви е срам. Трошите државни пари – парите на граѓаните за шетање, а ништо немате постигнато. Ајде еве пофалете се со еден проект, ајде дали СЕП има еден проект откако Вие сте таму, праша Јанушев.
Димитров не одговори на личните напади, а во однос на обвинувањата за лицемерие кажа дека изјавата ја дал во еден европски панел со адреса ЕУ и целта била да посочи колку регионот на Западниот Балкан, сите балкански народи можат да веруваат во сериозноста на ЕУ кога ЕУ носи одлуки и дава декларации.
-ЕУ донесе безусловна политичка одлука за почеток на пристапни преговори – за разлика од македонскиот случај во фајлот за Албанија имаше редица на услови. ЕУ беше таа што рече јуни 2018 го цртаме патот за почеток на пристапни преговори и прва меѓувладина конференција во јули 2019 година. ЕУ беше таа што рече ќе се навратиме на прашањето најдоцна во октомври 2019 година. ЕУ беше таа што во октомври не донесе одлука и рече ќе се навратиме на прашањето пред Загрепскиот самит во мај 2020. Тоа е целта на таа изјава и ние апсолутно мораме да не го губиме времето во чекање туку да си работиме на носењето на европските стандарди и принципи дома. Нашата битка за македонскиот идентитет, јас сум убеден и тоа го говорам на сите земји членки и институции во Брисел, е истовремено и битка за европскиот идентитет ако ЕУ ја гледаме како заедница на вредности и една од тие суштински вредности наведена во Лисабонскиот договор е почит, заштита и нега на културните и јазичните различности на сите народи на европскиот континент. И во таа смисла ако ЕУ е заедница на вредности не може да биде оспорено, проблематизирано правото на самоопределување на македонскиот народ што говори македонски јазик. Тоа се нашите позиции таму, рече Димитров.
Во однос на проектите Димитров изјави дека третата фаза од железничката делница кон Бугарија, СЕП ја доставил на одобрување до службите на Европска комисија – ИПА апликација за инвестиција вредна 405 милиони евра каде 60 милиони евра се обезбедени од ИПА 2, а останатите средства за затварање на финансиската конструкција од заеми.
За владејачката СДСМ интерпелацијата е неаргументирана и со неа ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги амортизира владините успеси на надворешен план.
Собранието ќе продолжи со работа по редовната пауза
Според Деловникот, за интерпелацијата може да се дискутира еден ден, заклучно до 24 часот вечерва. Ова е трета интерпелација за Димитров во изминатите три и пол години, првите две беа во својство на шеф на дипломатијата.