Актуелниот премиер Димитар Ковачевски вчера немаше среќа да ја пушти во употреба фотоволтаичната електрана во кичевско Осломеј, во која дел од себе вложи и неговиот претходник, експремиерот Зоран Заев, кој минатата година се сликаше при монтажа на панелите.
Наместо премиерот Ковачевски вчера свечено да сече лента во Осломеј, пожарникарите гасеа трансформатор кој се запалил пред да стигне бројната партиско-политичка делегација во Кичево. Пожарот со брза интервенција беше изгаснат, но од денеска гори социјален бунт во Македонија, каде на протест излегуваат лекари, вработени во управните и судските органи, а големите работнички протести, како што е најавено од синдикатите (СОНК, КСС, ССМ) допрва ќе следат.
И актуелниот премиер Ковачевски, и бившиот Заев во Осломеј во придружба на директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски. Разликата од сликањето е во насмевките на лицата кога Заев се сликаше како монтер во Осломеј и отсуството на ведрина вчера на Ковачевски, министрите и делегацијата од коалициониот партнер ДУИ со претседателот Али Ахмети во првите редови. Пожарот им ја расипа партиско-политичката фешта во Осломеј.
Народот има изрека, тоа што си посеал и ќе жнееш. Сега, освен трансформатори, во Македонија се разгорува и социјален бунт, кој не се гасне со сликања и нашминкани партиско-владини соопштенија за „успеси во економијата и заштитата на стандардот на народот“…
Неисплатата на минималната плата и барањата за усогласување на останатите плати ги натераа дел од синдикатите да организираат разни форми на незадоволство. Синдикатот на органите на управата и правосудството (УПОЗ) денеска и утре организира двочасовен прекин на работата, а Синдикатот на образование, наука и култура најавува генерален штрајк за в понеделник. Минатата среда, Конфедерацијата на слободни синдикати организираше предупредувачки протест пред Собранието и Владата.
Синдикатите велат дека не се исплаќа минималната плата согласно закон, а бараат и усогласување на останатите плати со минималната. Според синдикатите, незадоволството на членството е големо и се бара радикализација на следните чекори.
Од Синдикатот на УПОЗ, кој го организира двочасовниот прекин на работата секаде каде има синдикални организации како што се министерства, агенции, фондови, управи и судови, посочуваат дека во 95 проценти од институциите се исплаќа плата под минималната, а во останатите пет проценти, дел не ја подготвуваат платата. Оние, пак, што веќе ја исплатиле, направиле грешки и исплатиле само минимална плата без вклучен стаж.
– Ќе има прекин на работата. Известени се и Владата и министерства, сите работодавачи. Ги замолувам граѓаните на трпение, не е многу, два часа се, меѓутоа тие два часа можат да пораснат и да бидат осум часа прекин, рече претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски на прес-конференцијата во вторникот.
И Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), кој е грански синдикат на Конфедерацијата на слободни синдикати, најавува штрајк за в понеделник со барање веднаш да се зголемат платите за 18,4 проценти и потоа да се бара системско решение за усогласување на останатите плати. Синдикатот веќе двапати се сретна со претставници на Владата, но досега нема никаков договор.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков во понеделникот изјави дека очекува добар предлог од Владата.
– Ќе работиме во Министерството каде што се крои буџетот, очекуваме добра сума што ќе ни ја понуди Владата преку Министерството за финансии, сума која не ќе можеме да ја одбиеме. Значи конструктивен предлог, предлог што ќе го понудиме на членството, па тоа како ќе одлучи. Тоа се 18,4 проценти сега и дополнително усогласување на почетната плата односно минималната плата со колективните договори, изјави Неделков пред средбата во Министерството за финансии.
Минатата среда, предупредувачки протест одржа и Конфедерацијата на слободни синдикати. Барањата се исти – исплата на минимална плата и усогласување на останатите плати. Претседателот на КСС, Благоја Ралповски вчера на прес-конференција побара од пратениците во македонското Собрание да не го гласаат Законот за административни службеници, бидејќи со него, како што рече, ќе се зголеми платата само 100 до 200 денари.
– Дознавме дека Законот за административни службеници онака како што сакаат да го донесат, на еден понижувачки начин, е поднесен по скратена постапка во Собранието. Тој закон не носи ништо добро, само по 100 до 200 денари покачување на платите на вработените во јавниот сектор и со тоа продолжува манипулацијата, а кажавме дека решението е едноставно – тоа е членот 88 од сегашниот Закон, рече Ралповски.
Од Сојузот на синдикати на Македонија апелираат да не се тактизира со усогласувањето на останатите плати со минималната плата. Доколку се тактизира, како што се наведоа во вчерашното соопштение, идните чекори ќе бидат чисто работнички и синдикални за изразување на работничкото незадоволството, за што одлука ќе биде донесена в петок на седница на Претседателството и Советот на ССМ.
– Сега на ред се гранковите синдикати кои бараат тоа зголемување да се спроведе. За тоа скалесто зголемување треба да се испреговара со работодавачите. Според законот, работодавачите се должни тоа усогласување да го спроведат во рок од шест месеци. И тоа се одолговлекува, иако како работници сме во тешка состојба, бидејќи веќе има голема инфлација. Бараме да не се тактизира, да го задржиме работникот во Македонија, а не да градиме туѓи економии, истакна претседателот на ССМ Дарко Димовски на гостувањето во „Утрински брифинг“ во вторникот.
Вчера, Претседателството на ССМ донесе одлука да ги поддржи најавените протести и штрајкови за зголемување на платите од најмалку 2.800 денари и да ги става на располагање своите капацитети.
– Претседателството на ССМ на денешната седница едногласно донесе одлука ССМ да ги стави на располагање сите капацитети во насока на поддршка, пред се, на братските грански синдикати здружени во ССМ и да застане рамо до рамо во спроведување на активностите (протестите и штрајковите) кои ги преземаат синдикатите за зголемување на платите на работниците за најмалку 2.800 денари согласно зголемувањето на минималната плата како во приватниот, така и во јавниот сектор, наведе ССМ во вчерашното соопштение.