Повисоките цени на горива, социјален удар и грабеж на Димитар Ковачевски и владата кон народот – итно државата да ја преполови акцизата за горива, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ во денешната реакција со големото поскапување на нафтените деривати и метежот што синоќа се создаде на бензиските пумпи во повеќе градови во Македонија.
– Новите повисоки цени на горива се поради неспособната влада која уште пред 4 месеци знаела за агресијата во Украина и ценовниот шок кој надоаѓа. Неспособната влада не презема ништо за да спречи удар врз граѓаните. Нов ценовен шок за граѓаните, власта на СДСМ и пиунот Ковачевски повторно удри директно по џебот на граѓаните. Од денес граѓаните плаќаат по 10 денари повеќе за 1 литар нафта, само заради неспособноста на СДСМ и Ковачевски. Неодговорната власт на Ковачевски е само нем посматрач на случувањата, наместо да преземат конкретни мерки. Со новото покачување на нафтените деривати се нарушува и животниот стандард на граѓаните, кое исто така ќе се пренесе и со покачување на сите крајни производи кои ги користат граѓаните, се вели во реакцијата.
Покачување на дизелот за 10 денари и на бензините за 5.5 денари по литар, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се зголемат и цените во транспортот на патници, стоки и услуги.
-Ова ново покачување на нафтените деривати ќе предизвика и нови отпуштања на работници и затворања на мали и средни бизниси. Наместо власта на СДСМ навремено да превенира и да ги заштити граѓаните од нови ценовни шокови, направи хаос изминативе неколку дена пред бензинските пумпи. ВМРО-ДПМНЕ преку пратеничката група во Собранието предложи намалување за 50% на акцизите на нафтените деривати. Овој предлог беше отфрлен од СДСМ и ДУИ. Потребно е веднаш да се прифати овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ и да се спречи поголеми ценовни шокови. Мора да се стави крај на ова неодговорно владеење на СДСМ и ДУИ, за тоа се потребни брзи предвремени парламентарни избори, се вели во соопштението.
Новите цени на горивата вчера предизвикаа револт кај граѓаните и огромни гужви пред бензиските пумпи во надеж дека ќе наточат бензин пред полноќното поскапување.