Доколку итно и недоложно не се исплати поддршката за туристичко-угостителскиот сектор предвидена со петтиот пакет мерки и не се обезбеди дополнителна директна и неповратна финансиска помош постои реална опаснот туризмот и угостителството да бидат неповратно оштетени, предупредуваат од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

-Од декември нема никаква помош, а веќе сме април. Претпријатијата од овие сектори остро реагираат поради задоцнетата имплементација на последниот пакет на економски мерки. За секторите кои бележат пад на промет од над 80 отсто, а во некои дејности падот е и 100 отсто оваа помош е повеќе од неопходна. Поддршката за исплата на платата за јануари воопшто не е предвидена, а за месеците февруари и март иако до сега веќе требаше да биде исплатена, се уште се чека на донесување на законската регулатива која е неопходна за имплементација, стои во соопштението Сојузот на стопански комори на Македонија

Состојбата, како што е наведено во соопштението, дополнително се влошува и поради тоа што носењето на новите рестриктивни мерки кои значат речиси целосно затворање на објектите од угостителство, дел туризмот и сродни објекти, не е проследено со дополнителна финансиска помош. – Рестриктивните мерки  за заштита на здравјето на граѓаните се пред се, но сметаме дека паралелно со нивното носење треба да се креира и додели соодветна помош за претпријатијата, додаваат од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Ана Марија Алексова, член на Управен одбор на ТУК, смета дека според активностите од надлежните институции се добива впечаток оти свесно се  дозволува затворање на претпријатијата од туристичко- угостителскиот сектор со што се загрозуваат огромен број работни места.

– Во услови кога деловните субјекти се оставени сами да се снаоѓаат излезот се бара во намалување на трошоците кои во услови на немање деловна активност значи редуцирање на работни места. Потенцираме дека доколку се дозволи затворање на работните места ќе бидат потребни многу повеќе средства и време за нивно повторно отворање отколку што е сега потребно за нивно одржување и во прашање се доведува дали воопшто некогаш ќе се отворат доколку згаснат претпријатијата, вели таа.

Додава и дека се ризикува да се дојде во ситуација кога ќе се создадат услови за повторна активност на туристичкиот сектор да нема професионални и лиценцирани туристички агенции, професионални и лиценцирани туристички работници и водичи.

-Тоа не треба да се дозволи во мала и отворена економијата како нашата во која туристичкиот сектор е еден од оние кои можат да дадат сериозен стимул за раст и развој по надминување на кризата. Очекуваме надлежните институции да овозможат помошта од петтиот пакет итно да биде исплатена, да се даде неповратна финансиска поддршка за дејностите кои се опфатени со рестриктивните мерки, како и да се преземат мерки за спас на претстојната туристичка сезона, истакнува Алексова.