По низата незадоволителни резултати во есента, Реал Мадрид небаре беа отпишани за титулата во Ла Лига, но во последниве недели тимот го стабилизира настапот и веќе е на 6 поени од лидерот Барселона.

Логично веќе има прашања и за првото место, на кои тренерот Сантијаго Солари треба да одговара.

– Не зависи од нас дали ќе бидеме шампиони. Од нас зависи само на почетокот на следниот натпревар да бидеме подготвени за добра игра и да ги израдуваме фановите. Треба да сме фокусирани на нашето претставување и тогаш веќе да чекаме да видиме што ќе направи Барса, изјави Солари.

Утре Реал ја пречекува Жирона, а натпреварот започнува во 12:00 часот.

– Неодамна се сретнавме со овој ривал на турнирот во Шпанскиот куп. Ова е опасен тим кој знае како да игра во многу специфичен систем на игра. Треба да сме многу внимателни во сите 90 минути, за да не страдаме, додаде тренерот.

Солари не се грижи дека неговиот тим има оптоварен распоред.

– Се чувствуваме добро, сакаме да играме. Сега е фаза од сезоната во која секој е ентузијастички настроен. Ние сме обединети и размислуваме само за следната игра што сакаме да ја освоиме, заврши Аргентинецот.