Имам три сина, ако вие ми ги храните ќе се откажам од платата, изјави за ТВ Алфа, пратеникот на СДСМ Хари Локвенец, во врска со предлогот пратениците и другите функционери да се откажат од дел од платите и надоместоците што ги земаат, како што е примерот во соседна Албанија.
– Пратениците треба да се состанат и да бидат во функција на државата во вонредна состојба, додаде пратеникот Локвенец.
Пратеникот Димитар Стевананџија, пак, се повика на Уставот:
– Се што е уставно поддржувам. Оној кој помага не треба да се фали со тоа, рече Стевананџија
ТВ Алфа испратила прашање до Владата дали со ситуацијата ќе се солидаризираат и министрите.
– Владата до сега нема донесено таков заклучок. Доколку има таква одлука ќе бидете навремено информирани, одговориле од Владата.
Во Албанија платите на пратениците и министрите со одлука на Владата ќе бидат преполовени. Претседателот на Албанија, Илир Мета, иако не бил обврзан со одлуката на Владата не Еди Рама, доброволно се откажа од половина од платата.
Таква е солидарноста во Македонија, сите ќе седиме дома, но на некои ќе им стигнува целата плата, а други ќе се снаоѓаат како знаат и како можат. А како што многупати досега е објавувано, пратениците покрај редовната плата земаа и огромни износи за патни трошоци и износи со кои за време на еден мандат можат да купат не само автомобили туку и некој од помалите лесни авиони.