Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер на пресконференција пред средбата со Барнли од 24-тиот круг на Премиер лигата нагласи дека уште отсега ја планира следната сезона за Манчестер Јунајтед без разлика дали тој ќе биде на чело на тимот или не.

– Јас сум тука за да го подготвам тимот и за следната сезона, без разлика дали ќе останам или не. Чекорот од тимот до 18 години и сениорскиот е доста тежок за младите играчи. Тие се доста нетрпеливи. Но понекогаш можеш да ги видиш Џеси Лингард и Маркус Рашфорд како се поврзуваат со Мејсон (Гринвуд), Чонги (Таити Чонг), што претставува вистинско задоволство, вели Солскјер.

„Црвените Ѓаволи“ се во серија од осум последователни победи под водство на Норвежанецот и секако ќе се обидат да продолжат со оваа серија. Од своја страна Барнли е едвај на 16-то место на табелата, но немаат пораз во последните четири средби во Премиер лигата, откако запишаа три победи и едно реми.

Фокусот на прес-конференцијата беше исто така и на трансфер прозорецот, што завршува во средината на неделата.

– Мислам дека никој нема да си замине. Не сум многу вклучен во овој тип на преговори, но досега не направивме зделки. Има уште неколку дена и ќе видиме што ќе се случи, но засега сите остануваат. Сакам играчите да останат, Андреас Переира се справи брилијантно во тренинзите и сметам дека ќе земе учество во неколку натпревари до крајот на сезоната, изјави Норвежанецот.