Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер ги отфрли информациите дека Пол Погба е несреќен во клубот и сака да ги напушти „црвените ѓаволи“, велејќи дека медиумите влијаат негативно на францускиот репрезентативец.

Неодамна агентот на Погба, Мино Рајола, објави пред „Тајмс“ дека 26-годишниот фудбалер има намера да си замине од Јунајтед, додека самиот играч изјави претходно во Токио дека „дошло време за нов предизвик“.

Јувентус и Реал Мадрид има интерес кон играчот и шпекулациите ги достигнаа „црвените ѓаволи“ на предсезонскиот камп во Австралија пред натпреварот со тим од локалното првенство Перт Глори во саботата. Погба има уште две години од неговиот сегашен договор со дополнителна опција, а Солскјер ги обвини медиумите за поттикнување на гласини за трансферот на Французинот.

– Агентите постојано зборуваат. Како што реков, ние не сме добиле никакви понуди за него од други клубови. Тоа е сè што можам да кажам за случајот. Има негативна кампања против Пол – тој е топ играч. Вистински професионалец, никогаш сум немал проблеми со него, има златно срце, изјави тој на прес-конференцијата во Перт.

Погба, кој премина на „Олд Трафорд“ од Јувентус за рекордната тогаш сума од 89 милиони фунти во август 2016, се најде во „Тимот на сезоната во Премиер лигата“ во минатата сезона и има 31 гол во 142 натпревари во сите натпреварувања за „црвените ѓаволи“. Но тој ги разочара навивачите на клубот со своите непостојани настапи и серија од просечни презентации во минатата сезона, кои ја достигнаа својата кулминација во последното коло против Кардиф, кога Французинот размени реплики со гневни приврзаници на Јунајтед.

Од клубот објавија видео во кое тимот се шета по улиците на Перт, но силниот саундтрак не успеа да ја прикрие размената на реплики меѓу Погба и клубскиот колега Џеси Лингард. Централниот дефанзивец Виктор Линделоф интервенираше во ситуацијата, а тимот продолжи со неговата прошетка, но ова предизвика нов бран гласини – овој пат за конфликт за време на кампот.

Солскјер, исто така, ги негираше овие информации.

– На пример, Џеси и Пол одат еден до друг, а тоа се објаснува како расправија меѓу нив. Знам дека сте тука за да ги продадете своите приказни и да ја завршите вашата работа, но нема проблем помеѓу двете момчиња. Тие се професионалци, а нашата подготовка е многу повеќе од успешна, заклучи тој.

Јунајтед ја почнува својата кампања во домашната Премиер лига против Челзи на „Олд Трафорд“ на 11-ти август.