Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да отвори предмет по изјавите на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој изнесе сомнежи за криминал тежок 37 милиони евра поврзан со поранешната министерка за одбрана и сегашна пратеничка, Славјанка Петровска.

Според Петрушевски, Филипче во јавноста обелоденил дека Петровска потпишала договор за набавка на хеликоптери кој бил за 37 милиони евра поскап од одлуката што претходно ја донесла комисијата.

„Филипче треба да одговори од кога знае за ова и зошто молчел доколку информацијата датира од претходно. Јавното обвинителство мора без исклучок да постапи, да отвори предмет и да го повика Филипче да ги презентира сите информации и докази врз кои го заснова сомнежот“, истакна Петрушевски.

Тој додаде дека Петровска е дел од платформата „12.05“ која бара промени во СДСМ и го охрабри Филипче да ги пријави и сите други случаи за кои има сомнежи за криминал во сопствените редови.