Едно лице го загуби животот, а малолетник е тешко повреден во вчерашната сообраќајка што се случи на магистралниот пат Прилеп – Битола кај село Тополчани, соопшти МВР.

Во несреќата меѓу патничко моторно возило „Опел астра“ со беровски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.М.(60) од Берово, и патничко моторно возило „Цитроен берлинго“ со битолски регистарски ознаки, управувано од З.С.(46) од Битола, што била пријавена во 12:40 часот, повредени се и уште три лица.

На местото на настанот починал З.С., а со тешки повреди се здобил сопатникот од возилото „Опел астра“ кој бил малолетен. Повредени се и возачот и уште двајца сопатници во „опелот“. Сите се пренесени во Клиничката болница Битола.

Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од Полициската станица Прилеп.