Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување на санкциите кон физички и правни лица одговорни за поткопување или загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина за уште шест месеци, до 15 март 2024 година.
Санкциите предвидуваат ограничувања за патувања за физички лица во ЕУ, замрзнување на имотот и забрана за ставање на располагање средства или други економски ресурси на наведените поединци и субјекти. Со санкциите досега се опфатени речиси 1.800 поединци и субјекти.
По 24 февруари 2022 година, како одговор на руската инвазија врз Украина, Европската Унија воведе санкциите кон Русија со цел „значително да ја ограничи нејзината способност да води војна“, преку лишување од пристап до критичните технологии и пазари и преку слабеење на руската економска база.
Во заклучоците на Европскиот совет од јуни 2023 година, ЕУ ја повтори својата решителна осуда на „руската агресивна војна против Украина“, како очигледно кршење на Повелбата на ОН и потсети на непоколебливата поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и нејзиното право на самоодбрана од руската агресија. сп/јт/