Пред седум години Автономната Република Крим и градот Севастопол беа нелегално припоени кон Руската Федерација и почна воениот конфликт во источна Украина, изјави претседателот на Комитетот на Министрите на Советот на Европа, германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас, кој потсети на кршењето на меѓународното право со оваа анексија, јави дописникот на МИА.

Во својство на претседател на Комитетот на министрите на Советот на Европа, ќе потсетам дека Комитетот ја осуди оваа незаконска анексија, што претставува кршење на меѓународното право и би сакал да ја потврди својата недвосмислена и непоколеблива поддршка за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признати граници. Во врска со ова, би сакал да ја истакнам и потребата за целосно спроведување на договорите од Минск и заклучоците од самитот во Париз за ставање крај на воениот конфликт во Донбас, вели во писмената изјава Хајко Мас.

Комитетот на министрите, според неговиот претседавач, останува загрижен за значителното влошување на состојбата со човековите права на полуостровот Крим од неговото припојување кон Руската Федерација.

Тој понатаму потсетувајќи на одлуката на Европскиот суд за човекови права за Крим од 14 јануари 2021 година, ја повикува Русија целосно да ги почитува меѓународното хуманитарно право и меѓународните стандарди за човекови права, особено со доделување меѓународни механизми за набљудување на човековите права, како и на невладини организации за човекови права да им дадат неограничен пристап до Крим и градот Севастопол.