По долга и жолчна расправа во Стразбур, Комитетот на министри на Советот на Европа на денешната седница ја усвои резолуцијата за национални малцинства во Македонија, со која се утврдува дека не постои основ за тврдењата на Бугарија за постоење на системска дискриминација врз малцинствата во земјава.
Одбивајќи ги сите амандмани на Бугарија, Комитетот на министри во целост ја прифати аргументацијата и ставовите на македонското Министерство за надворешни работи, што во дипломатскиот речник се смета за голема извојувана победа на македонската дипломатија.
Она што стана видливо во изминатиот период беше агресивниот пристап на бугарската дипломатија која беше ставена во полн погон да обезбеди амандманско адаптирање на резолуцијата, што, пак, би претставувало основа за натамошни дипломатски активности кај европските земји. Со одбивањето буквално на сите амандмани, Бугарија доживеа дипломатски дебакл, во кој се зацврсти позицијата на Македонија, како земја со високо ниво на заштита на малцинските права на заедниците.
Денеска усвоената резолуција е подготвена од тим на експерти на Советот на Европа кој во изминатиот период престојуваше во Македонија да ги евалуира тврдењата на Бугарија за постоење на системска дискриминација врз малцинствата.