Фудбалерите на Белгија и Иран одиграа без голови (0:0) во натпреварот од второто коло во групата Г на Светското првенство 2026.
Со ова реми двете селекции имаат по два бода пред последното, решавачко коло, во кое лесно можат да останат без место во нокаут-фазата.
Во ноќта меѓу петок и сабота од 05:00 часот Иран ќе игра против Египет, додека Белгија ќе се соочи со Нов Зеланд.
Освен резултатската неизвесност, натпреварот ќе остане запаметен и по историскиот рекорд што го постави Иран. Тимот на селекторот Амир Галенои стана највозрасната репрезентација што настапила на Светско првенство од 1966 година наваму, со просечна возраст од 32 години и 181 ден.
Со тоа беше надминат рекордот на Германија од Светското првенство во 1998 година, кога просекот изнесуваше 31 година и 334 дена.
Од самиот почеток Белгија имаше поголем посед на топката, но искусниот ирански состав одигра дисциплинирано и цврсто во одбраната.
Сепак, првата сериозна шанса ја создадоа Иранците. Во 14. минута Хосеин Канани шутираше од непосредна близина, но Тибо Куртоа беше на висината на задачата.
Иран продолжи да се заканува и покрај помалиот посед. Во 25. минута Мехди Тареми ја затресе мрежата по добро воиграна акција од слободен удар, но ВАР покажа минимален офсајд и погодокот беше поништен.
Белгија не ја сфати сериозно оваа опомена и продолжи да напаѓа без доволно интензитет.
На стартот од второто полувреме повторно Тареми беше во центарот на вниманието, но Куртоа уште еднаш одлично интервенираше.
Најголемата шанса за Белгија пристигна по еден час игра. Кевин де Брујне го пронајде Ромелу Лукаку, а одбиената топка стигна до Максим де Кујпер, кој шутираше кон речиси празен гол. Сепак, голманот Алиреза Беиранванд со фантастична реакција го спаси Иран.
Клучниот момент се случи во финишот на натпреварот. Нејтан Енгој направи голема грешка при враќањето на топката кон Куртоа, што го искористи Тареми и тргна сам кон голот. Белгискиот дефанзивец немаше друг избор освен да го собори напаѓачот и доби директен црвен картон.
Тој момент целосно го промени текот на мечот и ги уништи надежите на Белгија дека може да стигне до победа.
Во самиот финиш Белгија имаше уште една шанса преку Де Кујпер, но повторно блесна Беиранванд и му донесе голем бод на Иран.




