Во Босна и Херцеговина (БиХ) владее вистинска еуфорија пред првиот натпревар на земјата на Светското првенство против домаќинот Канада оваа вечер во Торонто, а на навивачите и медиумите кои очекуваат победа им се придружи и американскиот генерал Џејмс К. Фаулер, кој од минатиот месец е командат на НАТО штабот во Сараево.

-Мислев дека САД ги имаат најдобрите навивачи во светот сè додека не пристигнав тука во Босна и Херцеговина и не ја видов страста што ја имате за вашата национална фудбалска репрезентација. Вашиот ентузијазам, исто како и националниот тим, е непобедлив. Среќно на Светското првенство. Ајде Змејови, до финале!, истакна бригадниот генерал во видеообраќање од седиштето на НАТО во Сараево.

Претседателот на претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, отпатува во Канада за лично да ги бодри фудбалерите на својата земја. Во изјава за локалните медиуми, изрази верување дека БиХ ќе ја мине групната фаза.

-Сите им посакуваме на нашите фудбалери сè најдобро и веруваме дека ќе дадат сè од себе за да ги развеселат луѓето низ цела БиХ и низ целиот свет, рече Беќировиќ.

Во градовите низ целата земја, подготвени се посебни зони каде што фудбалските навивачи ќе можат да го гледаат преносот на сите натпревари што ги игра репрезентацијата на БиХ, иако ова стана и предмет на политизација, особено во етнички мешаните средини бидејќи во некои општини не беше можно навремено да се обезбеди согласност од локалните власти за користење на јавните површини за такви цели.
Ваквото следење на преносот на натпреварите на репрезентацијата на БиХ во некои средини е неопходно бидејќи, за разлика од другите земји, јавниот сервис БХРТ, соочен со тешка финансиска состојба, не беше во можност да ги купи телевизиските права, па на заинтересираните им останува единствената опција да ги следат натпреварите преку комерцијални канали или кабелските оператори.

bih