Пандемијата на коронавирус предизвика глобална „криза без преседан во образованието“, со речиси 10 милиони деца погодени од затворањето на училиштата, кои можеби никогаш нема да се вратат во своите училници, објави денеска организацијата „Спасете ги децата“.
Повикувајќи се на бројки од УНЕСКО, британската хуманитарна организација соопшти дека во април, откако во целиот свет беа воведени мерки за да се спречи ширењето на епидемијата, 1,6 милијарди млади луѓе – речиси 90 проценти од учениците и студентите – престанале да одат на училиште и на факултет.
– Првпат во историјата на човештвото, образованието е прекинато во целиот свет за цела генерација на деца, се наведува во извештајот на организацијата.
Спасете ги децата предупредува дека поради економските последици од пандемијата, дополнителни 90 до 117 милиони деца би можеле да завршат во сиромаштија, што пак може да има последици за продолжување на нивното образование.
Многу млади мажи би можеле да бидат присилени да почнат со работа, а девојчињата би можеле да бидат присилени на брак за да помогнат во поддршката на нивните семејства. Поради тоа, меѓу 7 и 9,7 милиони деца ширум светот би можеле да заминат од училиште засекогаш, велат од организацијата.