Студентите од Факултетот за безбедност во Скопје, на првиот ден од новата академска година, прва лекција добија од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој се пофали дека прави реформи во министерството кое подолг период го потресуваат скандали.

– Почетокот на академската година е подеднакво важен како за новата генерација студенти на Факултетот за безбедност, за генерациите што веќе тој процес го започнале, но и за самиот наставничко-образовен кадар, како неспорна потврда на образовно-воспитниот континуитет на оваа реномирана образовна институција, која што во годините зад нас макотрпно и системски го градеше и потврдуваше своето реноме како кредибилен, и исклучително квалитетен стручно-научен сегмент, прв кај нас во областа на безбедноста, како интердисциплинарно подрачје на образованието, рече Спасовски.

Тој ова го истакна во обраќањето пред студентите на првиот циклус студии и професорите од Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ на првиот академски час во новата учебна 2021/22 година.

Според Спасовски, симболиката на првиот академски час има суштествено значење за студентите и на колективно, односно општествено рамниште – затоа што таа професионална профилација треба да го најде своето место во општеството, како контрибутивен фактор во неговиот севкупен развој, што претставува причина за настојувањата за што поголем квалитет во образовниот процес, со цел поголема институционална функционалност, ефикасност и одговорност на системот, добробит и просперитет на општеството и поединецот во него.

– МВР, како институција што речиси целосно, законски го покрива сегментот на безбедноста во своето секојдневно функционирање, е ваш партнер, секогаш отворено за широка соработка, како во поглед на имплементација на современи научни сознанија и искуства од оваа област, така и во поглед на практичното ангажирање млади образувани кадри за потребите на институцијата. Нашите амбиции, преку оранизационо и структурно реформирање на Министерството, се да наметнеме еден поинаков концепт на интегрирање, конкретно и практично, на најдобрите млади кадри во системот на работа на МВР, се крајно сериозни, подвлече Спасовски, упатувајќи честитки за почетокот на новата академска година и посакувајќи им на студентите да ги остварат своите амбиции и желби во развојот на нивниот професионален живот и кариера.

Ова беше само воведен час и секако на истиот немаше лекција како МВР „5 години во свој автомобил вози дрога“, која ја откриваат дури тогаш кога возилото ќе отиде во Црна Гора, ниту како протекуваат информации за акции и криминалците бегаат пред време, ниту како се делат пасоши за белосветски мафијаши…