Посетата на Брисел ја започнувам со посета на постојаната делегација на РС Македонија во НАТО, со средба со амбасадорот Дане Талески, на која се потсетивме на 2020 година на исполнувањето на една од стратешките државни цели во интерес на граѓаните – полноправно членство во НАТО – најмоќниот безбедносно-политички сојуз во светот.

Ова го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска со делегација од МВР отпатува во посета на Брисел:

– Загарантирани се мирот, стабилноста, безбедноста како на државата така и на регионално ниво. Дестабилизациите и загрозувањето на безбедноста на граѓаните се минато, додека кон новите безбедносни предизвици нашата држава сме заедно рамо до рамо со останатите 30 земји членки. Сега стоиме сплотени и споделуваме заеднички вредности со посебен акцент на почитување на човековите слободи и права, владеење на правото и демократските процеси, објави Спасовски на својот профил на Фејсбук.

Натаму во објавата додава:

– Имајќи го предвид фактот дека МВР имаше исклучително значајна и комплексна задача согласно програмата за пристапување кон Алијансата и спроведување реформи успеавме со напорна и посветена работа за краток временски период да ги исполниме сите обврски. Не беше лесна задачата за нашата интеграција во НАТО, но тука не застануваме туку продолжуваме со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите следни активности кои произлегуваат од членството во НАТО, објави Спасовски.