„Во пресрет на референдумот ситуацијата во земјата е стабилна, институциите функционираат, иако постојат сили кои гледаат шанса, преку нарушување на безбедноста, да остварат некакви свои цели, да се спротивстават на нашето членство во НАТО и во Европската унија“, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за МИА, и констатира дека, сепак, тоа се минорни сили кои не можат да придонесат за дестабилизација.

– Значи, граѓаните на Република Македонија имаат можност на 30 септември да донесат самостојно одлука за иднината на оваа држава, нагласува Спасовски.

Геостратешката положба на Македонија, посочува министерот, носи одредени ризици и предизвици, но тие се превенираат, меѓу другото, и со добро функционирање, размена на податоци и искуства со пријателските служби со кои соработува Република Македонија.

– Верувајте дека Република Македонија има многу пријатели кои помагаат, пред се, да ја одржиме стабилноста во државата, да се гарантира безбедноста – целовитоста на државата, истакнува Спасовски.

За тврдењата дека странски служби се обидуваат да „роварат“ пред референдумот и за руско мешање во „македонските работи“, Спасовски вели дека Македонија има јасен став, национален, витален интерес да стане членка на НАТО и на ЕУ, не сака да се мешаме во работите на други држави, ниту од регионот, ниту пошироко, но нема да дозволиме некој да и наметнува свои интереси.

– Ако разговараме за тоа дали ставот на Русија е дека Македонија не треба да биде членка на НАТО- да, тоа е нивен став. Меѓутоа, наш јасен став, национален, витален интерес за Македонија е да стане членка на НАТО и на Европската унија. Да, ни се случуваат одредени групирања на политички структури, на поединци итн. кои сакаат да се спротивстават на интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ. Да, има такви структури, има такви поединци во Република Македонија кои сметаат дека заради задоволување на некакви свои лични интереси би го искористиле моментот за да се спротивстават на членството во ЕУ и НАТО, а на таа сметка да добијат некакво свое конто на политичка популарност. Меѓутоа, нема сили кои идеолошки се врзани и преку идеологија сакаат да се спротивстават заради тоа што не можат, немаат алтернатива на процесите кои ни се случуваат во земјата. Затоа, сметам дека Македонија е доволно цврста во своите намери да ја реализира својата цел – да биде членка на НАТО и на ЕУ, наведува министерот за внатрешни работи.

Во интервјуто за МИА што во целост ќе биде објавено утре, министерот Спасовски зборува и за реформата на МВР, посебно на УБК, формирањето на ОТА и ставањето на прислушувањето во строго контролирани законски рамки, или како што вели „ за реформата на умот што мора да ја направиме“.