На граничниот премин Стар Дојран денеска промовираме уште една наша информативна акција со порака до сите учесници во сообраќајот: „Те чекаме дома. Не брзај!“, реќе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
– Нашата интенција е да им укажеме на учесниците во сообраќајот, особено сега кога во летните периоди традиционално се зголемува фреквентноста на сообраќајот, дека за безбедното патување е примарно почитувањето на сообраќајните правила и прописи, рече Спасовски на промоцијата на новата кампањи на МВР за побезбеден сообраќај.
Оваа кампања , како што посочуваат од МВР, пред се е насочена кон брзината со која се движат учесниците во сообраќајот, а летоците што ќе се делат на патниците на граничниот премин, имаат за цел да ги потсетат нашите граѓани, но и странците, на почитување на брзинските ограничувања и на нивната лична сообраќајна безбедност.
Министерот Спасовски денеска имаше и средба со полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор Стар Дојран на која се разговараше за важни аспекти од нивното секојдневно работење. Особено што обемот на работа, примарно во делот на граничната контрола и надзор, расте особено во летните месеци кога протокот на возила и патници двојно, па и тројно се зголемува.