Денеска присуствував на оперативно-тактичка вежба на Специјалната антитерористичка единица (САЕ) „Тигар” насловена „ПЕРОН 192”, а по повод презентација на новиот полигон за обука, во рамки на стрелиштето во касарната „Илинден“ во Скопје, кое претставува и база за подготовки на Тигар, објави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

– Откако пред година и половина беше оспособен просторот за реализација на модерното стрелиште за гаѓање, како дел од полигонот за урбана борба, во чиј состав влегува Куќата за гаѓање и автобусот за вежби, се наметна потребата од доопремување на полигонот за работа на тубуларни системи со елементот за обука и вежба за решавање на кризна ситуација во воз. За таа цел, по примерот на европските полиции, беше неопходно да бидат поставени вагони кои би ја доловиле ситуацијата што поблиску до реалноста, а со чија помош припадниците на САЕ Тигар ќе можат практично да вежбаат за вакви ситуации, објави Спасовски.

Тој во објавата на официјалниот профил на Фејсбук, како и на профило тна МВР, соопшти дека „во оваа прилика врачив и плакета за долгогодишен особен придонес во промоцијата на професионализмот во МВР на началникот на Одделот за специјални полициски операции, Бранко Трајановски.