Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на новинарско прашање за нападите од опозицијата спрема директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски потенцираше дека МВР вчера испрати демант во кој што беа изнесени фактите и аргументите за конкретното лице.

– За тоа конкретно лице, од ова раководство на МВР и од овој директор на полицијата има поднесено две кривични пријави против него и се поведени две постапки. Ако е само да се каже дека нешто се прави што не е во интерес на државата, од страна на опозицијата тоа е една работа, меѓутоа, реалните факти се овие. Нема заштита за ниту еден и треба да бидеме на јасно дека заврши времето кога имаше заштита, за убиство на Мартин Нешковски, заштита за низа на убиства коишто се случуваа во тоа време и кога ова министерство за внатрешни работи беше нарекувано со едно друго име. Фактите се тие, а пред фактите и боговите молчат, рече Спасовски.

Тој уште еднаш потсети дека директорот на БЈБ Сашо Тасевски е еден од врвните професионалци во својата област, со резултати кои покажуваат постојан пад на криминалот откако е поставен од страна на Владата за директор на Бирото за јавна безбедност.