Имаме уште доста време, заради тоа што во политиката времето е релативна работа и јас сум насочен апсолутно да ги реализирам приоритетите додека сум министер, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе биде премиер на техничката влада.
– За сите прашања што ќе бидат за формирањето на техничката влада кои ќе бидат личностите во таа влада, сигурно за тоа ќе одлучува премиерот, ќе одлучуваат органите на партијата и не би сакал уште сега да шпекулираме заради тоа што навистина за тоа нема потреба. Кога ќе дојде моментот ќе се донесат одлуките и тие ќе бидат соопштени во јавноста, рече Спасовски.
Во врска со раздвиженоста на мигрантите рече дека „како држава сме подготвени во делот на евентуално зголемување на бранот“.
– Ставот на Владата е истиот што сме го имале и досега и тука немаме промена во однос на тоа дека имаме два транзитни центра низ кои поминуваат мигрантите. Апсолутно ќе ја почитуваме политиката на Европската унија во однос на справување со евентуална мигрантска криза, одговори Спасовски на новинарско прашање дали земјава е подготвена за можноста од Турција да биде пуштен нов бран мигранти.
Тој рече дека засега нема индиции за тоа.
– Засега се уште немаме индиции дека може да дојде до зголемување на бројот на мигранти. Сметам дека Европската унија треба сериозно да остане на спроведувањето на договорот со Турција ако сакаме навистина да не ни се случи нов мигрантски бран, нагласи Спасовски и додаде дека тоа е работа што мора да ја завршат челниците на Европската унија и на Турција.
Министерот Спасовски, по денешната оперативно-тактичка вежба „Плен“ во Полицискиот центар „Ѓорче Петров“, потенцира дека Владата ги следи тие политики, и пред се работи на заштита на нашата држава и нашите граѓани, а со тоа придонесува за безбедноста на целиот регион. Нагласи дека од круцијално значење при вакви сериозни предизвици е координацијата, меѓусебната размена на информации и спроведувањето на заедничката политика.