Денеска во моето Куманово заедно со министерот Благоја Бочварски извршивме увид во текот на реконструкцијата на улица 300 во населбата Ајдучка чешма, објави бившиот министер и бивш технички премиер, Оливер Спасовски.

– Оваа инвестиција на Владата предводена од СДСМ преку Министерство за транспорт и врски изнесува над 9.5 милиони денари и е во насока на олеснување на протокот на граѓаните, како и на земјоделските производи и стока. Како СДСМ ги мапираме потребите и барањата на граѓаните и вложуваме во рамномерен развој на општините, со цел унапредување на локалната економија, а со тоа и осигуруваме подобар животен стандард, објави Спасовски на својот профил на Фејсбук.

Тој важеше за еден од најревносните министри со објави на социјалните мрежи додека беше министер за внатрешни работи. Речиси секојдневно објавуваше прилози за реконструкции на полициски станици, за донации за полицијата, како и прилози за вадењето на пасоши и лични карти на граѓаните на Република Македонија со новото име и придавката Северна.

Колку е реален и колку отстапува од реалноста „животот на политичарите и граѓаните“ може да се види токму и од објавите на Спасовски. Течеше, безмалку, мед и млеко во вадењето на документите се додека Спасовски беше во министерската фотелја, а по неговата смена ја видовме и се уште ја гледаме реалната слика во Република Македонија, каде околу 600.000 граѓани останаа во државен притвор и без пасоши.

Порано имаше една поговорка во која се велеше дека „хартијата трпи се“, а нејзиниот превод во денешното ново технолошко време е дека „социјалните мрежи трпат повеќе и од хартијата“.

Бившиот министер Спасовски, долго време споменуван и како кандидат за претседател на државата, е добар пример и илустрација за тоа.

(Д. Г.)