Манастирот „Свето Преображение Господово“ во Крушево, во чија изградба придонесе и Тоше Проески, денеска е осветен во присуство на голем број верници.
Чинот на осветување го изврши архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение на архијереи на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
На осветувањето на манастирот присуствуваше и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој на својот фејсбук-профил објави дека со новиот фрескоживопис поставен неодамна, овој манастир кој, како што напиша „Тоше го нарекуваше втор дом поради духовниот мир кој го пронаоѓаше во него“, конечно го добива својот целосен манастирски сјај.
-По долги години, денеска се исполнува една света обврска, големата желба на нашиот Тоше Проески и на крушевчани – се осветува манастирот „Свето Преображение Господово“ во Крушево, за чија изградба Тоше несебично се залагаше уште од раното детство, па се до последниот ден од кобната несреќа, по која македонскиот народ остана во длабок непребол. Нека му е вечна слава на нашиот Тоше!, напиша Спасовски на Фејсбук.