Одговорноста на граѓаните не беше на висина на задачата која што ја имаше секој од нас и многу лесно се преминува преку препораките коишто ги даваат стручните лица и затоа ги донесовме и овие мерки за забрана на движењето, односно за зголемено времетраење на полицискиот час, вели техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Тој изрази надеж дека ќе имаат ефект денеска презентираните нови мерки, за воведување полициски час од 16:00 до 05:00 часот во текот на неделата, а за време на викендот, забрането движење од петок од 16:00 часот до понеделник до 05:00 часот. Зголеменото времетраење на полицискиот час е најавено околу еден ден претходно, укажа, со цел постепено компаниите и граѓаните да имаат време да се организираат во однос на работните обврски.

– Јас посакувам овие мерки да ги дадат ефектите. Ние впрочем имаме недели наназад низа на мерки коишто беа донесени навреме врз основа на тоа што го кажуваат стручните луѓе. Тие даваа резултати, меѓутоа мора да направиме се за да имаме уште подобри резултати со што ќе помогнеме да го зачуваме здравјето и животот на луѓето, рече Спасовски, потсетувајќи дека за непочитување на мерките, следуваат кривични или прекршочни постапки.

Во врска со непочитувањето на мерките,  рече дека упати на пример од Прилеп и тоа го оквалификува како крајно неодговорно однесување.

– Утрово пристигнаа слики за тоа што се случува во Прилеп денеска, тоа е една крајна неодговорност во однос на однесувањата коишто ги имаме кон вирусот и кон пандемијата, потенцираше Спасовски.

Во вонредна состојба, истакна, мора да се носат брзи одлуки и тие да се применуваат веднаш.

– Во овој период ништо не е нормално во животот како што било претходно и затоа е вонредна состојбата. Во вонредна состојба мора да се носат и брзи одлуки, брзи одлуки коишто мора да се применуваат сега и веднаш. Затоа е важно граѓаните да ги почитуваат одлуките, да немаме паника непотребна заради тоа што секој од нас може и се има обезбедено за да можеме да преживееме во услови на полициски час од неколку часа во текот на денот, истакна техничкиот премиер.