Најавувам четврти сет мерки и сите пезионери кои примаат пензија до 15.000 денари и неактивните баратели на работа, што се пријавуваат на шест месеци, ќе добијат исто така домашна платежна картичка, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски во интервју за ТВ Шутел.

Спасовски, кој е и носител на листа во ИЕ 2 на коалицијата „Можеме“ ги објасни трите сета мерки за поддршка на ранливите групи граѓани, вработените и бизнисите со коишто се помогна преку домашната платежна картичка, ваучерите за туризам и бескаматните кредити за фирмите.

Спасовски вели дека ја градат земјава како социјална држава.

– Најавувам дека наскоро ќе започне со градба социјаланата зграда во Шуто Оризари со 52 стана. Но, нашата цел е луѓето да не живеат од социјална помош, туку да извлекуваме од сиромаштија. Овде се изгради и една од најубавите градинки. Направивме реконструкција на училиштето „Браќа Рамиз и Хамид“, ги интегрираме Ромите во институциите, да се образуваат, работат и отвораат бизниси, потенцира Спасовски.

Коалицијата „Можеме“, вели тој, знае каде ја води државата.

– Од режим ја донесовме на правиот пат кон НАТО и ЕУ и продолжуваме по правиот пат, рече Спасовски.